Пронајден е планинарот по кој се трагаше од синоќа откако беше пријавено дека паднал од карпа во реонот кај Титов Врв. Синоќа околу 20 часот беше пронајден и планинарот кој извести за несреќата и тој околу три часот ноќеска е пренесен во болница заедно со началникот на СВР Тетово кој исто така се здобил со телесни повреди, информираа изутринава од Центарот за управување со кризи.
-Пронајдени се двете лица кои беа исчезнати на падините на Шар Планина во реонот на Титив Врв. Едното лице, кое јави за несреќата, е пронајдено околу 20 часот и тоа од страната на Титов Врв и околу три часот е пренесено на Попова Шапка, а потоа и во болница. Заедно со него во болница е пренесен и началникот на СВР Тетово кој има телесни повреди. Со цел пронаоѓање на другото лице, екипа од специјалната единица на МВР беше упатена кон местото од другата страна односно преку Лешница и по неколку часови успеала да го лоцира и пронајде и второто лице кое паднало од карпа – информира на фејсбук ЦУК.
Акцијата за спасување почна синоќа по добиен повик за итен случај на 112 откако едниот од планинарите паднал од карпа во провалија.