Игор Радев, добитникот на „Кинеска награда за особен придонес во литературата“, која претставува највисокото признание на Н.Р. Кина од книжевно-културната област што може да биде доделено на странски државјанин, ќе ја промовира книгата „Типологија на писмото“.
Во просториите на МАНУ, настанот ќе започне утре (четврток) во 12 часот, а на промоцијата свое обраќање ќе има и академик Катица Ќулавкова.
„Кинеска награда за особен придонес во литературата“, на Игор Радев му е доделена во 2021, во заслуга за неговите обемни преводи и студиски дела од сферата на класичната кинеска литература, во прв ред философијата и поезијата.
Бројот на научните дела и преводи на Игор Радев е огромен. Од нив, можеби најзначајни сепреводите на философите Лао Це, основачот на таоизмот, и Конфуциј. Понатаму, Књига песама (таа е превод на српски), која претставува најстара збирка на поезија во Кина (компилирана помеѓу XI и VIII век п.н.е.), а веројатно и во светот, како и Книга на записите, која е најстарото кинеско историографско остварување (создадено во распон од XI и VII век п.н.е.), но воедно претставува и прво дело од областа на политичката философија во Кина, а веројатно и во светот.
Еден од многу значајните преводи и остварувања на Игор Радев е Антологијата на класичната кинеска поезија (2014), која е една од најобемните во Европа, и опфаќа период од речиси 3000 години.