Основачот и главен извршен директор на компанијата „LVMH“, Бернард Арно, го загуби второто место на листата на милијардери на Блумберг, откако беше претекнат од претседателот на Амазон Џеф Безос. Прв на листата и натаму е американскиот милијардер Илон Маск.
Во моментов Безос е на второто место со 156 милијарди долари, додека Бернард Арно е трет на листата на милијардери на Блумберг со богатство од 155 милијарди долари.
Вредноста на имотот на Бернард Арно падна за 6,8 милијарди долари од средата кога „LVMH“ соопшти дека нејзината продажба годинава се зголемувала побавно од очекуваното.
Падот на извршниот директор на „LVMH“ на листата на милијардери на Блумберг ја одразува продажбата на луксузни стоки која е послаба во 2023 година поради падот на побарувачката во САД и тешкото економско закрепнување во Кина.
Спротивно на тоа, богатството на Џеф Безос порасна за 49,3 милијарди долари оваа година, бидејќи вредноста на акциите на Амазон се зголеми за 58 отсто во истиот период.
На чело на листата и натаму е американскиот милијардер и претприемач Илон Маск со имот вреден 234 милијарди долари. Акциите на Тесла пораснаа за 106 отсто оваа година, а Маск стана побогат за 96,8 милијарди долари.