Поранешниот вицепремиер Артан Груби не можело да биде уапсен на граничниот премин со Косов, вели професорот Гордан Калајџиев, откако власта и опозицијата побараа Министерството за внатрешни работи да одговори како се случило тој да ја помине границата без да биде уапсен.
„Груби не можел да биде приведен при преминување на границата без судска одлука. Полициските мерки како „стоп листа” или распис се во спротивност со Уставот и ЗКП!“, напиша Калајџиев на Фејсбук.
Вчера, МВР информира дека се преземени дисциплински мерки за двајца полициски службеници од граничниот премин „Долно Блаце“ во врска со преминувањето на Груби на државната граница.
Едниот, полицискиот службеник Б.Ј., според МВР, со своето несовесно работење не извршил адекватни проверки на патничкото возило „мерцедес“ со кое се превезувал Груби и не го евидентирал за остварување излез од државата. Патниците од предметното возило, А.П. со дипломатска патна исправа како возач и А.Г. со македонска патна исправа како совозач, полицискиот службеник Б.Ј. ги завел дека пешки ја поминале границата.
Вториот полициски службеник Б.А. е раководител на смена. И тој добил дисциплинска мерка.