Професорката Тања Каракамишева на социјалните мрежи го искажа својот став по најавите за промена на Преамбулата на Уставот.
Таа вели дека јавноста се изнаслушала различни видувања, но дека досега не коментирала. Сегашната нејзина реакција, како што вели, е последица на големи небулози и непознавања на уставната материја.
„Јавноста заслужува да има објективни информации за целиов процес, податоци втемелени не на политички/партиски/етнички желби и каприци, туку на научни параметри врз основа на кои и треба да се води дебатата за и околу измената на нашиот Устав“, вели Каракамишева и го кажува својот предлог-текст за промена на Преамбулата на идниот Устав на Македонија.
„Ние, припадниците на Македонската нација, преземајќи ја одговорноста за сегашноста и иднината на својата татковина, свесни и благодарни на своите предци за жртвите и посветеноста во нивните заложби и борба за создавање самостојна и суверена држава Македонија и одговорна пред идните генерации за зачувување и развој на сѐ што е вредно од богатото културно наследство и соживот во Македонија, еднаква во своите права и обврски кон заедничкото добро – Република Македонија – во согласност со традицијата на Крушевската Република и одлуките на АСНОМ и на Референдумот од 8 септември 1991 година, одлучивме да ја конституираме Република Македонија како самостојна, суверена држава, со намера да се воспостави и зацврсти владеењето на правото, да се гарантираат човековите права и граѓанските слободи, да се обезбеди мир и соживот, социјална правда, економска благосостојба и напредок на личниот и заедничкиот живот, преку своите претставници во Собранието на Република Македонија, избрани на слободни и демократски избори го донесуваат овој
У С Т А В
Во предлог-текстот намерно ги немам вклучено измените од Амандман XXXIV бидејќи сите амандмани (од XXXIII до XXXVI) објавени во „Службен весник“ на 11 јануари 2019 година се неуставни, односно се донесени во постапка спротивна на Уставот.
Освен постапката, спорна е и номотехниката на амандманите.
– Во 2019 година со само еден амандман се смени името на државата во целиот текст на Уставот, непозната пракса во светската уставна теорија и пракса,
– Во 2019 година не се донесе посебен амандман за насловот на Уставот каде се додаде новото име на државата, значи без уставен амандман се смени насловот на Уставот, правен преседан пар екселанс.
Сите амандмани од 2019 година имаат грешка од номотехничка природа.
Како посебно спорен го издвојувам Амандманот XXXIV со кој се измени Преамбулата на Уставот.
Имајќи предвид дека Преамбулата во Уставот на Македонија не е составен дел на Уставот на Македонија, бидејќи Преамбулата се наоѓа над насловот Устав на Македонија, ова значи дека нејзината измена не е во согласност со член 129 од Уставот каде што стои дека Уставот на Македонија се изменува и дополнува со уставни амандмани.
Со оглед дека Преамбулата не е составен дел на Уставот, таа не може да се изменува и дополнува со уставни амандмани, туку само во постапка на донесување нов Устав.
Оттука, мојот предлог-текст на новата Преамбула на Уставот на Македонија би можел да се примени само ако се отвори постапка за донесување нов Устав во кој би требало да се исправат сите досегашни грешки и фалинки во Уставот, а работата на сегашната комисија за измена на Преамбулата ја сметам за беспредметна, бидејќи Преамбулата не може да се промени со амандман од веќе споменатата причина.
Кои устави во Европа, заедно со Уставот на САД, во својата преамбула ја имаат вклучено нацијата како основа или темел на државата и државноста?
- Уставот на Ирска
- Уставот на Словенија
- Уставот на Хрватска
- Уставот на Шпанија
- Уставот на Унгарија
- Уставот на Франција
- Уставот на Германија
- Уставот на Полска
- Уставот на Словачка
- Уставот на Естонија
- Уставот на Летонија
- Уставот на Литванија и други.
Останатите земји немаат преамбули во уставите, како на пример, Финска, Шведска, Норвешка, Италија, Австрија, Белгија, Грција, и други“, наведува Каракамишева.