Групата професори од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” кои деновиве поднесоа пријава за прекрување на законот од страна на ректорката проф. д-р Билјана Ангелова и ја обвинуваат за судир на интереси и неспоивост на функции , денеска реагира на демантот на Универзитетот кој смета дека е манипулативен и паушален.
Тие јавно ја повикуваат ректораката Ангелова да престане да го злоупотребува Универзитетот при настапувањето во врска со наводите во Пријавата за прекршување на Законот од нејзина страна и да не врши манипулирање на јавноста и притисоци и обиди за влијание врз институциите.
„Јавно ја повикуваме Билјана Ангелова да престане да го злоупотребува Универзитетот при настапувањето во врска со наводите во Пријавата за прекршување на Законот од нејзина страна и да не врши манипулирање на јавноста и притисоци и обиди за влијание врз институциите. Јавно ја повикуваме да оставиме надлежните институции, професионално и во согласност со своите надлежности да постапат по Пријавата, по секој од наводите во неа“, се наведува во реакцијата.
Професорите, како што наведуваат, со цел да бидат заштитени работењето и интегритетот на Униврзитетот, апелираат Државната комисија за спречување на корупцијата за секој од наводите во Пријавата да постапи во согласност со своите надлежности, а другите државни институции да ги земат сериозно наводите во пријавата.
„Истовремено, уште еднаш, јавно апелираме и до сите други надлежни институции во државата да ги имаат предвид наводите во Пријавата на кои укажавме и да постапат во рамките на своите надлежности за да се заштити Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје“, се наведува во реакцијата.
Во реакцијата се тврди и дека изнесеното во Пријавата за прекршување на законот, се засноваат врз јавно достапни информации и во кои можат да се уверат медиумите и севкупната јавност.
Ги пренесуваме во целост наводите кои ги посочуваат во реакцијата:
Во став 5, чл. 44 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси е регулирано дека избрано или именувано лице не може да врши функција на член на управен одбор или на друг орган на управување во трговско друштво или друго правно лице што се занимава со дејност со која се остварува профит.
Во Регистарот на избрани и именувани лица, во согласност со законската регулатива, опфатени се и функциите ректор и проректор. Билјана Ангелова и лично е регистрирано во овој регистар на Државната комисија за спречување на корупцијата.
Членувањето на Билјана Ангелова во органи на управување на трговски друштва, односно правни лица што се занимаат со дејност со која се остварува профит, кај дел од субјектите е наведено на официјална веб-страница и во нивни извештаи, а за некои од ваквите субјекти е наведено и во јавно достапните биографии на Ангелова, на веб-страницата на Економскиот институт и на веб-страницата на Универзитетот. Сето тоа е проверливо за целата јавност, и покрај обидот за манипулативно „демантирање”.
Информациите кои упатуваат на склоност на Ангелова за создавање простор за злоупотреба на службената положба и овластување за лична корист, исто така се јавно достапни.
За тоа, меѓу другото, покрај информациите што се објавени и во медиумите, издвојуваме:
Членувањето на Ангелова како директор на Економскиот институт на државниот Универзитет во Управниот одбор и Академскиот совет на приватната Академија за банкарство и информатичка технологија (АБИТ) се наведени на нивните веб-страници.
И во офцијалната биографија на Ангелова на веб-страницата на Економскиот институт е наведено дека „Учествувала во формирањето на Асоцијацијата за банкарство и информатичка технологија” и дека „е назначена за член на Академскиот одбор”.
Очигледно е дека во оваа верзија на биографијата, манипулативно, терминот „академија” е заменет со „асоцијација”, како и дека не се спомнува „управен одбор”, поради фактот што од позиција на директор на институт на државниот Универзитет, Ангелова учествувала во работење и водење на приватна академија. Во официјалната биографија на Ангелова за кандидат за ректор, објавена на веб-страницата на Универзитетот било наведено и дека станува збор за академија, иако не е спомнат управен одбор.
На веб-страницата на приватната Академија, јавноста може да се увери за што станува збор, вклучително и за тоа какви специјализации и за какви износи се нудат. Но и да се увери дека Билјана Ангелова во Управниот одбор и Академскиот совет, застапувајќи го приватниот бизнис интерес, директно соработувала со раководно лице во Народна банка на РМ кое имало важна улога во постапката за издавање на согласноста таа да биде член на Надзорен одбор на ХАЛК БАНКА АД Скопје и во период кога била избрана на функцијата проректор.
Јавно достапни се и информациите за она што за академската заедница е особено страшно – Билјана Ангелова, од позиција на проректор и сега ректор на првиот државен Универзитет вршела и врши настава и на приватни т.н. академии.
Податокот дека Ангелова е обучувач на „Прогресив академија” која е регистрирана како фондација, формирана од МАКПРОГРЕС ДОО Виница е јавно достапен на веб-страницата на т.н. академија.
Јавно достапна е и информација дека упис на „студенти” на оваа т.н. приватна академија е вршен и во септември оваа година, при што носечко име во повикот за упис е токму Билјана Ангелова. Уписот бил во тек и кога таа стапи на функцијата ректор.
Ангелова и јавно, лично повикувала на „студирање” на оваа т.н. приватна академија, од што е објавен официјален видео материјал:
Во својата јавно објавена видео порака, потпишувајќи се како редовен професор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј”, Ангелова повикува идните „слушатели” да се стекнат со диплома од приватната „Прогресив академија”, посочувајќи дека таа е „прва од ваков вид во Република Северна Македонија”. Притоа, наведува стекнување знаења и вештини од области кои се опфатени со студиите на Економскиот факултет при нашиот државен Универзитет, но „слушателите” ги повикува да ги стекнат на приватна т.н. академија.
Приватната т.н. академија и гордо има нагласено дека нивен обучувач е избран за ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје .
Евидентно е и заобколување на Законот за високо образование.
Ректорката проф. д-р Билјана Ангелова, за испраќање на „демантот” во кој се вели дека се невистинити овие јавно достапни информации и факти го злоупотреби ректоратот и името на Универзитетот. За невистини беа прогласени и податоци што се дел од нејзината биографија објавена на официјалната веб-страница на Универзитетот. За жал, тоа укажува дека Ангелова е подготвена на манипулативно користење на Универзитетот за лични цели и потреби. Наведеното во т.н. „демант” не е и не може да биде став на Универзитетот во целина, затоа што не го одразува ставот на колективот на Универзитетот на кој припаѓаме.
„Демантирањето” јавно достапни информации со употреба на името на Универзитетот како потписник на „демантот” само поради заштита на личниот интерес на Ангелова може да е уште еден показател дека интегритетот на државниот Универзитет за неговиот ректор веќе е подреден на приватниот, личен интерес и интересот на бизнисот.
Затоа, јавно ја повикуваме Билјана Ангелова да престане да го злоупотребува Универзитетот при настапувањето во врска со наводите во Пријавата за прекршување на Законот од нејзина страна и да не врши манипулирање на јавноста и притисоци и обиди за влијание врз институциите. Јавно ја повикуваме да оставиме надлежните институции, професионално и во согласност со своите надлежности да постапат по Пријавата, по секој од наводите во неа.
Со цел да бидат заштитени работењето и интегритетот на Униврзитетот, уште еднаш апелираме до Државната комисија за спречување на корупцијата за секој од наводите во Пријавата да постапи во согласност со своите надлежности. Притоа, апелираме да ги има предвид и информациите што ги посочуваме во оваа јавна реакција. А по завршување на постапката и јавно да извести за својата одлука по наводите од правен и од етички аспект.
Истовремено, уште еднаш, јавно апелираме и до сите други надлежни институции во државата да ги имаат предвид наводите во Пријавата на кои укажавме и да постапат во рамките на своите надлежности за да се заштити Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје.
За нас, приоритет се работењето, развојот, интересот и интегритетот на најстариот државен универзитет. Но, за жал, работењето, развојот, интересот и интегритетот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје, очигледно не се приоритет за неговиот ректор.