По дводневна пауза, вечерва во Скопје продолжуваат протестите против францускиот предлог.
Граѓаните се собираат пред Владата од каде ќе маршираат кон Министерството за правда и кон Собранието на Македонија.
Граѓани со развиорени македонски знамиња и со маички на кои е напишано „НЕ“, како и „Навиваме за Македонија“, се дел од учесниците на протестот против францускиот предлог што вечерва почна пред Владата.
На булеварот Илинден сѐ уште стои паролата „Но пасаран“ испишана со црвени букви, а група млади луѓе со тапани го скандираат името „Македонија“. Може да се забележат и транспаренти „Сепак ние ќе победиме“ и „Стоп за бугаризација“, но главниот и најголем е „Со фашисти не преговараме“.
Според најавите, предвидено е обраќање на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, веднаш по почетокот на протестниот марш.
Протестот против францускиот предлог, под мотото „Ултиматум – НЕ благодарам“, се одржува седми ден.
Oрганизаторот ги повика граѓаните да ги развиорат македонските знамиња на терасите.
„Масовно, мирно и достоинствено да протестираме, народот да е последната брана против нечесната игра која ќе направи насилна бугаризација на народот и на Македонија. Да кажеме ‘Не’ на ултиматумот“, повика организаторот.