Во Франција трет ден по ред продолжуваат протестите поради полициското убиство на тинејџер во Париз. 40.000 полицајци вечерва ќе бидат распоредени низ цела Франција, вклучително и Париз, бидејќи немирите, кои избувнаа откако полицијата уби тинејџер кој не успеа да го запре својот автомобил, се проширија во целата земја.
– Државата мора цврсто да одговори, вечерва ќе бидат мобилизирани 40.000 полицајци, од кои 5.000 во регионот на Париз, наспроти 9.000 вчера – изјави денеска францускиот министер за внатрешни работи Жерал Дарманен.
Француската телевизија БФМТВ објави дека автобуските и трамвајските сообраќајни линии ќе бидат прекинати во парискиот регион од 21 часот по локално време.
– Транспортот ќе биде во прекин секоја вечер од 21 часот почнувајќи од денеска со цел да се заштитат работниците и патниците во сообраќајот. Нашата транспортна мрежа нема да биде мета на насилници и хулигани – изјави претседателката на парискиот регион Ил де Франс, Валери Пекрес.
Во францускиот град Кламар, јужно од Париз во регионот Ил де Франс, од вечерва до 3 јули од 21 до 6 часот се воведува полициски час, соопштија локалните власти, додавајќи дека целта на овој потег е да се „воспостави ред“.
Тинејџерот кој беше убиен е идентификуван само како Нахел М. (17), француски државјанин со алжирско и мароканско потекло.
Апсењето на полицаецот ги револтираше полициските синдикати, кои сметаат дека нивниот колега бил соочен со сериозна опасност малолетникот да го прегази со автомобил. Неговиот адвокат изјави дека полицаецот едноставно реагирал инстиктивно во исклучително опасна ситуација, бидејќи малолетникот тргнал директно на него да гопрегази. Некои медиуми објавија снимка од моментот снимена од граѓанин.