Извесен Урфан Шариф од Велика Британија признал дека ја убил 10-годишната ќерка Сара, по што со семејството побегнал во Пакистан.
Како што пренесува Скај њуз, на судењето било откриено дека Шариф признал се во телефонски разговор кој траел осум и пол минути.
Плачел пред да му ја признае страшната вистина на операторот.
„Ја убив ќерка ми“, рекол Шариф.
„Ја казнив законски и таа умре. Беше злобна. Ја претепав, не ми беше намера да ја убијам, но премногу ја тепав“, продолжил Шафир опишувајќи го страшното злосторство.
Девојчето се здобило со страшни повреди, вклучувајќи модринки, изгореници и скршеници на коските. Нејзиното тело е пронајдено во спалната соба на катот на една куќа во англискиот град Вокинг.
Обвинителите велат дека Сара била убиена на 8 август. Шариф и неговото семејство побегнале во Пакистан следниот ден.
Полицијата подоцна пронашла белешка напишана со ракопис на Шариф. „Јас сум Урфан Шариф, ја убив ќерка ми тепајќи ја. Се колнам во Бога дека намерата не ми беше да ја убијам. Бегам далеку бидејќи се плашам“, се вели во пораката.