Канадската редовна полиција, во соработка со коњаничкиот полициски одред, ги потисна толпите демонстранти со намера да ги отстрани од улиците во центарот на Отава, при што беа уапсени повеќе од 100 луѓе.
Полициските сили ги поместуваа возилата кои повеќе од три недели го блокираа центарот на канадскиот главен град за време на протестите против епидемиолошките мерки и ограничувањата.
Поради страв од ескалација на протестите и насилството, полицијата во Отава се обиде да ги растера демонстрантите со изрекување мандатни парични казни на лице место и заканувајќи им се со апсење, додека стотици полицајци паралелно ги расчистуваа централните делови на градот и покрај ниските температури и свежо наврнатиот снег.
Во текот на денот имаше тензични моменти кога дел од демонстрантите беа насилно извлекувани од возилата, а други, кои се противеле на полициските наредби, беа фрлани на земја со врзани раце.
Во полициското соопштение се наведува дека демонстрантите „насилнички се однесувале“, принудувајќи ја полицијата да интервенира.