Судија на претходна постапка му одредил 30-дневен притвор на поранешниот претседавач на Советот на Општина Центар, Владимир Здравев за злоупотреба на службената положба за случајот „Феникс“ – истрага која денеска ја обелодени Јавното обвинителство.
Освен на Здравев, притвор за истиот случај му е определен и на Љ.Б., додека на лицето Т.Д. му е одреден домашен притвор, соопшти Основниот Кривичен суд во Скопје.
Според најавите вечера ќе бидат донесени на распит уште три лица за кои обвинителството бара притвор за случајот со перење пари за леење на 11 споменици од проектот „Скопје 2014“, меѓу кои и на поранешниот градоначалник на Скопје Владимир Тодоровиќ.
Инаку, обвинителството за овој случај сомничи 15 лица, а за седум од нив се бара притвор. Вчера попладнето, во голема полициска акција биле уапсени петмина, меѓу кои и Здравев и Тодоровиќ.
За случајот „Феникс“ осомничени се експремиерот Никола Груевски, поранешниот министер за финансии Зоран Ставрески, Елизабета Канческа Милевска, ексминистерка за култура, како и Здравев и Тодоровиќ. Меѓу осомничените е и поранешната градоначалничка на Центар Виолета Аларова, а еден од осомничените е италијанскиот државјанин Фердинандо Маринели, сопственик на италијанската леарница во Фиренца, Фондериа Маринели.
Освен против 15 физички лица, истрага е отворена и против седум правни лица, од кои три се италијански фирми.