Косовскиот министер за одбрана Арменд Мехај изјави дека беспилотните летала кои биле забележани над областа Рашка не потекнуваат од територијата на Косово.
Мехај на Фејсбук напиша дека таквите тврдења се „само изговор за зголемување на бројот на војници на српската армија околу границата со Косово“ и „средство за ширење паника меѓу граѓаните“.
Премиерката на Србија, Ана Брнабиќ синоќа на РТС потврди дека странските дронови летале над српска касарна и рече дека се работи за безбедноста на Србите на Косово и Метохија.
– Така е, дронови снимија една позиција во копнената безбедносна зона и две бараки. За ова бев информирана од претседателот на републиката и тој даде наредба да се зајакне заштитата од воздухот. Ако тоа се повтори, ќе ги собориме сите авиони. Повеќе информации не би давала, повеќе за тоа ќе каже претседателот, а и министерот за одбрана Милош Вучевиќ – рече таа.
Ана Брнабиќ вели дека Србија ќе продолжи да ги чува мирот и безбедноста, и оти од спротивната страна имаат луѓе кои не се однесуваат рационално.