Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски оствари работна средба со претседателката на Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата (РСБСП) Гордана Кожуваровска. На средбата беше констатирана одличната соработка меѓу двете институции, базирана на примарната цел – подобрување на безбедноста во сообраќајот. Министерот Тошковски рече дека МВР и РСБСП се позитивен пример на две институции чиј партнерски однос креира позитивни резултати како зголемена безбедност на учесниците во сообраќајот.
– Ги разгледувавме можностите во кои РСБСП според закон е обврзан значителен дел од неговиот буџет да го даде во поддршка на зголемување на капацитетите на МВР за унапредување на безбедноста на сообраќајот и сите негови учесници. Ги прецизиравме и планираните кампањи кои во континуитет РСБСП ги изведува во соработка со Министерството, посебно со одделите за превенција, опфаќајќи ги сите аспекти на безбедното учество во сообраќајот како неопходното користење појас, возењето со прилагодена брзина, обврската да не се користи мобилен телефон при возење и други. Во моментов актуелна е заедничката кампања „Вози одморен“ која посебно во лето ги едуцира возачите кои тргнуваат на одмор или минуваат низ нашата држава дека возењето на долги дестинации мора да биде придружено со неопходен одмор од 10-15 минути на секои три часа, со цел безбедно пристигнување на посакуваната дестинација. За оваа кампања РСБСП има соработка и со српската Агенција за безбедност во сообраќајот и се планирани конкретни активности во кои се вклучува и Министерството – истакна Тошковски.