Деновиве од печат излезе романот „Простување“ од реномираната македонска романсиерка Кица Колбе. Романот е објавен во едицијата ПРОаЗА на издавачката куќа „Или-Или“ од Скопје.
Акцентот во романот е ставен на приказната за помирувањето и простувањето во балканскиот историски контекст. Интенцијата на авторката е преку приказните на носечките ликови, научници, од две балкански земји, да покаже дека помирувањето и простувањето е можно и на Балканот, ако не меѓу народите барем меѓу потомците на жртвите и на прогонителите. Приказната покажува дека и потомците на „прогонетите“ и потомците на „прогонителите“ остануваат и самите жртви на минатото сѐ додека не се одлучат да простат и да се помират. Како и сите претходни романи на Колбе и „Простување“ се одликува со универзални хуманистички вредности и со мошне оригинален стил и израз, проникнат со суптилен лиризам.
Кица Колбе (1951) студирала филозофија на универзитетите во Скопје и во Белград. Магистрирала на естетиката на Теодор В. Адорно, а докторирала на германската естетика од 18-от век. Неколку години работела на катедрата за филозофија на Филозофскиот факултет во Скопје.
Од 1990-тата се посветила целосно на прозата, особено на романот.
Нејзини дела се: „Егејци“ (Култура, Скопје, 1990), „Снегот во Казабланка“, (Три, Скопје, 2005 Магор, Скопје, 2007), „Жените Гаврилови“ (Табернакул, Скопје 2008, Или-Или, 2021), „Река во наследство“, Ein Fluss als Erbe, (Скопје и Лангенфелд, 2009), „Витезот и Византијката“ (Или-Или, 2020), „Земја на бегалци“ (Или-Или, Скопје, 2018, 2023).
„Снегот во Казабланка“ е добитник на наградата Роман на годината 2006, а „Жените Гаврилови“ во 2009 година беа номинирани за наградата Балканика.
Кица Колбе последниве години е редовна колумнистка во Дојче Веле.