Одржана промоцијата на документарниот филм „Посеана надеж“ кој што е изработен преку проектот „Поддршка на социјалните претпријатија“ на Министерството за труд и социјална политика, имплементиран од Ептиса со поддршката на Европската Унија. Филмот е во режија на Костадин Анастасов, а кинематографијата е на Фејми Даут. Во документарниот филм се прикажани 15 социјални претпријатија. Премиерата со воведни обраќања ја отворија министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, Амбасадорот на делегацијата на Европската Унија, Дејвид Гир и тим лидерката на проектот Барбара Садовска.
„Филмот кој ќе имаме прилика да го видиме ќе ни ги претстави хероите меѓу нас кои и во најтешки ситуации се придвижуваат напред, со верба и надеж кон светла иднина. Филмот кој ќе го гледаме денеска повторно ќе не потсети колку е моќно солидарното општество, ќе не потсети дека само такво општество може да биде напредно и демократско“ истакна Тренчевска во своето обраќање.
Таа истакна дека социјалните претпријатија кои се прикажани во филмот се животни приказни на граѓаните во државата. Министерката посочи надежта и искрените намери се пресликани во 15 примери на социјални претпријатија кои прават суштински и реални промени во животот на луѓето.
Амбасадорот на делегацијата на Европската Унија, Дејвид Гир во своето обраќање информира дека во Европската Унија 13 милиони вработувања се должат на социјалните претпријатија и истакна дека тие придонесуваат за социјална кохезија, вработувања и намалување на нееднаквоста во Европа.
Премиерата ја проследија и претставниците кои беа дел од филмот како и инвеститори кои се заинтересирани за поддршка на социјалните претпријатија.