Финската премиерка Сана Марин се извини за контроверзната фотографија која најпрво се појави на социјалните мрежи, а сега кружи низ финските медиуми, а е направена во нејзината резиденција, на која се гледаат две жени како се бакнуваат, со подигнати кошули и откриени гради со натпис „Финска“ преку нив. Ниту една од жените на фотографијата не е Марин.
Премиерката на Финска потврдила дека предметната фотографија е направена во нејзината официјална резиденција, по музичкиот фестивал кој се одржал меѓу 8 и 10 јули, пишува Гардијан.
– Мислам дека фотографијата не е соодветна. Се извинувам за тоа. Ваква фотографија не требаше да се направи – изјави Марин за новинарите во Хелсинки.
Таа додала дека нејзините „пријатели“ во тоа време биле во нејзината резиденција, се дружеле и ја посетувале сауната.
Фотографијата најпрво е објавена на профилот на Тик Ток на поранешната натпреварувачка за Мис Финска, која е и на фотографијата.
Во едиторијалот на најголемиот фински весник „Хелсинки њуз“, вчера беше наведено дека се чини дека Марин не е „под контрола“, и дека повеќе фотографии и видеа од нејзиниот приватен живот би можеле да станат јавни.
Овој нов скандал доаѓа помалку од една недела откако 36-годишната финска премиерка се најде на удар на критики поради видеото на кое се гледа како се забавува со пријателите на забава. По притисокот од јавноста, таа била тестирана за дрога, иако по забавата изјавила дека не се дрогирала на забавата, туку само играла и пиела алкохол.