Животот на Мирко нема почеток и крај. Во темелите на секоја зграда, во секој клуб, институција, плочник, во секој од малкуте останати скопски паркови стои името на овој човек. Мирко во сѐ што правеше ги менуваше работите. Тој беше голем оптимист, никогаш не се откажуваше и секогаш велеше да не стануваме комформисти. Да продолжиме да го менуваме светот како тој што го менуваше.
Со овие пораки, последен поздрав на денешната комеморација што се одржа во Скопје упатија колеги и пријатели на еден од најпознатите македонски автори и продуценти на електронска музика, Мирко Попов, кој почина минатата недела на 51 година.
Филип Николовски од МКЦ за време на комеморацијата посочи дека животот на Мирко зборува за минатото, тлее овде и сега во сегашноста и останува тука за да ни ја просветли иднината – иднина, за која останува да се надеваме дека ни носи љубов и неизмерна желба за подобар и посреќен живот, кон кој тој целеше.
Комеморација на Мирко Попов: Оптимист кој веруваше дека секогаш може подобро и повеќе
– Со Мирко делевме многу заеднички интереси и љубови – Арсенал, Вардар, култура, нашето МКЦ и секако вечната љубов кон градот во кој израснавме. Вечната љубов кон Скопје. Градот во кој започна да твори, да се развива, да напредува, едноставно, да стане подобар. Во темелите на секоја зграда, во секој клуб, институција, плочник, во секој од малкуте останати скопски паркови, стои врежано името на овој човек. Се чини дека тој постигнуваше да стигне секаде. Енергијата која зрачеше од него беше невозможно да не те обземе, да не те прими да се приклучиш во следната мисија која што тој ја замислил – рече Николовски.
Како што потенцираше, Мирко Попов е „Галебот“ од Џонатан Ливингстон на македонската современа култура. Мирко Попов е човекот кој веруваше дека секогаш може подобро и повеќе.
– Луѓе кои зад себе оставиле толкаво културно наследство, луѓе од ваков ков, не умираат. Едноставно, тие не можат да умрат. Тој ги остави неговите дела за ние тука да учиме, да се забавуваме, додека тој настапува во живо на некоја небеска локација, пред некоја нова разиграна публика – порача Николовски.
Писателката Билјана Црвенковска појасни дека Мирко беше голем оптимист, кој никогаш не се откажувал и секогаш продолжувал да се бори.
– Мирко за мене е големиот дел од моето детство и целата моја младост. Мирко се сите книги и стрипови што сме ги читале заедно во средно школо. Мирко е човек кој што влијаеше на мојот музички вкус и на тоа што го слушам јас во целиот мој живот, од кога се запознавме. Мирко е сите журки, сите концерти, сите бендови што сме ги слушале заради него кои ги донел, сите диџеи кои ги донел, сите „афтери“ и сите муабети од утро до мрак и обратно. Мирко е не само Скопје, не е само МКЦ, не е само ПМГ, Мирко за мене е Охрид и сите лета што сме ги поминале заедно во Охрид. Мирко е книгата „Розевата планета“ – додаде Црвенковска.
Таа појасни дека Мирко во се што правеше ги менуваше работите. Како што рече, Мирко се што правеше останува како наследство за младите луѓе и генерации кои ќе дојдат и ќе продолжат да се борат.
– Да продолжиме да го менуваме светот како тој што го менуваше – рече Црвенковска.
Музичарот Александар Гавровски на комеморацијата рече дека ентузијазмот на Мирко ќе му недостасува на Скопје и на Македонија.
Комеморација на Мирко Попов: Оптимист кој веруваше дека секогаш може подобро и повеќе
– Мирко е постар брат на сите млади талентирани музички деца и фанатици како мене. Фасциниран што постоиме, отвора врата кај него дома и ти вика „Еве земи, сѐ што имам јас имаш и ти“. Мнозинството воопшто не беше свесно за оваа негова топла, човечна страна. Како автор реално беше игнориран од мнозинството, но и од скопската критичка маса која баш не беше свесна дека тој е автор на над сто композиции за ПМГ колектив. Како и да е, мнозинството него едноставно не можеше да го игнорира. Сигурен сум дека ќе недостасува неговата неуморна потрага по новите талентирани деца на кои ќе им отвори врата и ќе им каже „Сѐ што имам јас имаш и ти“ – рече Гавровски.
На комеморацијата, Синиша Ефтимов зборувајќи за постигнувањата на Мирко, уште еднаш подвлече дека тој е еден од највлијателните и најуспешните скопски музичари, композитори, текстописци, ди џеј издавачи и продуценти.
Тој потсети дека апетитите на Мирко за промовирање на македонската современа музика земаат замав уште во 1998 година, кога ја формирал ПМГ Рекордингс, дискографска куќа која ја регистрираше и промовираше квалитетната музика на новото време, славејќи ја современата култура и исправајќи историски грешки и неправди нанесени на македонската музика од блиското минато.
Комеморација на Мирко Попов: Оптимист кој веруваше дека секогаш може подобро и повеќе
ПМГ Рекордингс денес е водечка независна дискографска куќа во земјата со над седумдесет изданија.
– Мирко Попов како диџеј доби можност да настапува низ регионот на повеќе атрактивни, европски, клубски дестинации и да како ретко кој Македонец во историјата го стави Скопје на европската релевантна музичка мапа – рече Ефтимов.
За време на комеморацијата беа пуштени и видеа снимки од обраќањата на неговите колеги од регионот, кои упатија последен поздрав до Мирко.
Мирко Попов е роден во 1972 година во Скопје. Тој во 2003 година го формираше бендот „ПМГ Колектив“, каде беше автор на музика и текстови и вокалист. Првиот професионален ангажман како диџеј го добил во 1992, а истата година доби простор во култното скопско музичко радио „Канал 103“. Од 2008 до 2010 бил главен и одговорен уредник на „Канал 103“.
Има издадено албум и неколку миниизданија и реализирано концерти со водечкиот македонски џез состав „Сетстет“. Од 2020 продуцираше, издаваше и настапуваше и како соло артист под името „Мирко Попов квартет“. Автор е на повеќе книги, а заедно со музичарот Владан Дробицки беше идеен творец на џез фестивалот „Крај Вардарот џез“.
Фото: МИА