Замената на регистарските таблички со новиот код НМК (NMK), која треба да заврши до февруари следната година, ќе ги спречи камионите да возат по неколку месеци, а нивните сопственици ќе трпат големи загуби и ќе губат клиенти, алармира здружените на превозници „Макам-транс“.
Превозниците бараат институциите да им овозможат да ги користат сегашните регистарски броеви (броевите кои ги имаат во сообраќајните дозволи), а измената на кодот на државата да се направи преку вадење дупликат таблички или да им се издаваат соодветни налепници. Ова, како што велат, најлесно се прави преку додавање на нов став во членот 37 од Законот за возила, со кој се утврдуваат причините за издавање дупликат на регистарска табличка, а кој ќе се однесува само на превозниците. Нивното барање е веќе доставено до институциите, но оттаму засега нема реакција.
Според „Макам-транс“ проблематично е тоа што со замената на табличките, ќе се добива и нов број, а не само нова ознака НМК, а тоа повлекува замена на целокупната документација поврзана со тоа возило, почнувајќи од лиценцата за работа, па сè до „таговите“ за плаќање патарина и картичките за точење гориво во кои се внесува и регистарскиот број на возилото. За секое возило ќе треба да се извадат по 20 нови документи за да може камионот или приколката да се користи.
– Завршување на процедури за замена на документите може да трае и по неколку месеци, зашто е поврзана со многу процедури, за некои работи и во странство. Во тоа време камионот или приколката не можат да се употребуваат. Тоа значи трупање огромни загуби бидејќи, некои сопствениците имаат и по 20 возила, па постапката станува уште посложена. Да речеме дека во текот на еден месец, ако постапката е најитно завршена, камионот може да изврши најмалку три транспорти во странство. Тоа е приход од 3.000 до повеќе од 10.000 евра, што значи чиста загуба. Но, во текот на месецот се вршат и повеќе транспорти на стоки. Дополнително треба да се има предвид и дека во тој период можат да се изгубат и долгогодишни клиенти, па загубата е уште поголема – вели Билјана Муратовска од „Макам-транс“.
Таа додава дека Законот предвидуваше регистарските таблички на сите возила во земјава да почнат да се заменуваат од 2019 година, но цели две години не беше донесен правилник за тоа, а во меѓувреме имаше пандемија и енергетска криза кои ги преполовија нивните приходи.
– Правилникот беше донесен во 2021 година и долг период немаше подготвени таблички. Во овој период успеавме да добиеме регистарски таблички за новиот возен парк и приколките, но бројката е мала (3.000) во однос на вкупниот број на таблички кои треба да се заменат, кој е некаде околу 32.000 таблички. Тука влегуваат регистарските таблички за камиони-полуприколки и приколки, кои имаат посебни регистарски таблички. Замислете сега дека за секој од овие камиони и приколки дека треба да се заменат сите документи, во земјата и во странство, а повеќето од сопствениците на овие возила имаат по најмалку 20 возила и приколки – вели таа.
Со овој проблем се соочуваат и автобуските превозници, па затоа е повеќе од потребно институциите да реагираат, вели Муратовска. Таа посочува дека некои европски земји како Холандија проблемот со промена на регистарските таблички за превозниците го решиле со налепници, а соседна Србија тоа го има решено преку вадење дупликат таблички.
– Овие искуства можат да се користат и кај нас. Од тоа ќе имаат корист превозниците, но и државата, бидејќи транспортот ќе се врши непречено – вели таа.
Од институциите, сè уште нема одговор на барањето на превозниците.