Претседателот на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес Мајк Џонсон изјави дека рускиот претседател Владимир Путин „ќе продолжи да маршира низ Европа“ доколку тоа му биде дозволено и додаде дека следна цел може да биде Балканот, пренесе Ал Џезира.
– Мислам дека Владимир Путин ќе продолжи да маршира низ Европа ако му се дозволи тоа. Мислам дека Балканот би можел да биде следен, а тој исто така би можел да има пресметка со Полска или со некој од нашите сојузници во НАТО – им рече Џонсон на новинарите во Конгресот.
Како што пренесува Њузвик, тој додаде дека попрво би испратил куршуми во војната против Русија отколку „американски момчиња“.
– Да бидам искрен, повеќе би сакал да испратам куршуми во Украина отколку американски момчиња. Мојот син ќе ја започне Поморската академија оваа есен. Ова е вежба со боева муниција за мене, како и за многу американски семејства – рече Џонсон.
Тој посочи дека обезбедувањето помош за Украина е од клучно значење.
– Верувам дека Си Џинпинг, Владимир Путин и Иран навистина се оска на злото – рече Џонсон.