Претседателот Стево Пендаровски денеска и утре ќе биде домаќин на претседателот на Сојузна Република Германија, Франк-Валтер Штајнмајер, кој ќе престојува во официјална посета на земјава. Оваа посета е причина приватните превозници денеска да не ја блокираат раскрсницата кај Мавовка, но како што најавија, протестот ќе продолжи в четврток до кога дадоа рок Град Скопје да го реши проблемот со неплатениот долг.
Според најавата германскиот претседател Штајнмајер на официјална церемонија ќе биде пречекан со највисоки државни и воени почести, по што ќе следува тет-а-тет средба на двајцата претседатели и пленарен состанок на делегациите на Северна Македонија и Германија.
Во рамки на посетата, во црквата Св. Спас во Скопје, Штајнмајер и Пендаровски ќе положат венци на гробот на Гоце Делчев.
Германскиот претседател ќе се обрати и во Парламентот, ќе се сретне со млади луѓе во Претседателскиот центар за политичко образование.
Штајнмајер попладне ќе има средба и со премиерот Димитар Ковачевски.
Германскиот претседател, утре во Чифте амам ќе се сретне со филмската екипа на филмот „Медена земја”, а во попладневните часови ќе ги посети ветерниот парк во Богданци и германската компанија Дрекселмајер во Кавадарци.
Ова е прва посета на федералниот претседател Штајнмаер на земјава.
По Северна Македонија, Штајнмаер заминува во посета на соседна Албанија.