More

    Претседателот Пендаровски се обрати на конференцијата „Украина – две години хероизам”

    spot_img

    Претседателот Стево Пендаровски денеска се обрати на конференцијата „Украина – две години хероизам“ организирана од Амбасадата на Украина во Република Северна Македонија во соработка со невладината организација ЦИВИЛ – Центар за слобода, а која се одржа по повод 2 години од започнувањето на руската инвазија врз Украина.

    Во продолжение е интегралниот текст од обраќањето на претседателот Пендаровски.

    Видео материјал:

    Обраќање на претседателот Пендаровски на конференцијата „Украина – две години хероизам“ – https://youtu.be/mJ1wS9_vdK4

    Ваши екселенции,

    Почитувани претставници на медиумите,

    Драги пријатели,

    Минатата година, на овој ист ден, посакавме никогаш повеќе да не се собираме за да ги одбележуваме годините на борбата за слобода на Украина, туку да го прославиме ослободувањето од рускиот окупатор и хероизмот на украинскиот народ.

    За жал, денес, бруталната агресија врз оваа наша пријателска држава од страна на режимот на Путин навлегува во третата година, а загубите во човечки животи, страдањата на милиони луѓе низ целата земја, девастирачките последици и разрушувањата не се намалуваат.

    За овие две години сме сведоци на сета нечовечност на еден режим отсечен од реалноста, кој како да е излезен од најтемните времиња на европската историја од минатиот век, во целосен расчекор со реалноста на 21 век. Таа персонална диктатура се обидува, не само да наметне ревизија на историјата, туку и да ги промени границите на Европа, во спротивност на сите меѓународно-правни договори коишто ги гарантираат мирот, стабилноста и безбедноста на континентот по крајот на Втората светска војна.

    Истиот тој режим, којшто ги гази правдата и човечкото достоинство и во сопствената држава, кој секојдневно ги прогонува, затвора и убива своите опоненти, се обидува да наметне визија за светот во кој деспотите и слични на нив, ќе бидат во позиција да ја одредуваат судбината на сегашните и на идните генерации.

    На патот на тие обиди, проследени со невидена бруталност, на првата линија на отпорот, веќе десетина години, стои херојскиот украински народ поднесувајќи огромна жртва и покажувајќи истрајност и постојана верба дека доброто може да го победи злото. Затоа, војната за слобода која Украина ја води денес е за праведна кауза, во името на сиот демократски и цивилизиран свет, кој  мора да продолжи да помага сè до целосно ослободување на Украина, просто затоа што во таа борба, сите ние, немаме право на пораз.

    Оваа војна е најголемата закана за мирот и за европската безбедност, чијшто исход ќе влијае врз поредокот, не само на нашиот континент, туку и во меѓународните односи во годините што доаѓаат. Војна којашто ќе покаже дали годините на демократски развој во Европа, по крајот на Студената војна, се залудно потрошени за реализација на една апстрактна идеја или, пак, демократијата сè уште е жилава и доволно силна да покаже отпорност кон ретроградните и авторитарни режими и предизвиците коишто тие ги создаваат.

    Војна којашто ќе покаже дали примената на сила ќе стане основниот принцип кој треба да ја одредува природата на односите меѓу државите и во ова столетие или ќе остане на сила она што е запишано во Повелбата на Обединетите нации дека земјите членки се рамноправни меѓу себе, независно дали се мали или големи. Евентуалниот триумф на овој ретрограден принцип, излезен од архивите на минатите векови, би бил рецепт за трајна нестабилност на светот и враќање во едно не толку далечно минато кога геополитичките игри и интереси на големите беа далеку посилни од слободната волја на народите.

    Имено поради ова, влогот на сиот демократски свет е огромен, а консеквенците од одбранбената војна која Украина денес ја води ги надминува нејзините граници.

    Во овој контекст, ние уште од првиот ден на агресијата се солидаризиравме и сочувствувавме со страдањата на милионите Украинци. Бевме меѓу првите земји, којашто понуди воена, техничка и хуманитарна помош, земја којашто гласно се спротивстави на погазувањето на независноста, територијалниот интегритет и суверенитетот на Украина.

    Нашата позиција не е променета и две години од почетокот на агресијата. Заедно со сојузниците во НАТО Алијансата постојано вложуваме напори, помошта за Украина, којашто ѝ е повеќе од потребна, да не се одлага поради внатрешнополитичката динамика во државите сојузнички. Успесите на Украина денес не зависат само од волјата и од потенцијалите на украинската армија, туку и од финансиската, логистичката и, пред сè, воената помош која таа мора да ја добива. Секоја поинаква калкулација во овој контекст, ќе доведе до уште поголеми страдања, разрушувања во Украина и неизвесност за сите нас.

    Почитувани,

    За два дена од денес, во Тирана, ќе учествувам на самитот „Украина – Југоисточна Европа“, каде што заедно со моите колеги ќе се сретнеме со претседателот Зеленски, со цел да ја реафирмираме нашата јасна позиција за продолжување на помошта за Украина, поддршка за процесот на обнова на разрушените делови и за носење пред лицето на правдата на сите одговорни за ужасните злосторства со што ќе им дадеме барем малку утеха на најблиските на жртвите.

    Со други зборови, ќе покажеме целосна поддршка за Украина слободно да го избере патот по кој ќе чекори во иднина. Ако тој пат вклучува волја и подготвеност за интегрирање на земјата и во Европската Унија и во НАТО, тогаш ние мораме да дадеме поддршка на украинскиот избор.

    Почитувани,

    Ова се клучни предуслови без коишто не е можно решавање на конфликтот и постигнување траен мир и помирување кога за тоа ќе бидат создадени услови.

    Потребно е ова да го истакнуваме во секоја прилика затоа што е евидентно, од ден на ден, дека не е мал бројот на тие коишто мислат дека со евентуалните промени на власта во неколку клучни демократски држави и организации во текот на оваа година, Украина ќе биде соочена со изборот да ги отстапи окупираните територии, во замена за мир, демилитаризација и воена неутралност.

    Ваквиот исход би бил спротивен на волјата на украинскиот народ и ќе значи легитимирање на агресијата и на сите злосторства извршени изминатите години. Најдобар доказ дека станува збор за сосема погрешна анализа е анексијата на Крим којашто се случи пред десет години и којашто поради отсуството на реакција на демократскиот свет, не го спречи натамошниот конфликт, туку само ја охрабри Москва, истото агресивно сценарио да го спроведе и на истокот на Украина неколку години подоцна.

    Затоа, во пресрет на последниот развој на ситуацијата на военото поле и повлекувањето на украинската армија од градот Авдеевка во источниот дел на државата, единствено сплотеноста на демократскиот свет и робусната поддршка за украинските вооружени сили би можела да ги спречи натамошните руски пробиви, но и да овозможи враќање на териториите сè до границите на државата кои беа меѓународно признаени по распадот на Советскиот Сојуз.

    Имајќи го ова предвид, неодамна донесената одлука на Советот на ЕУ за помош во износ од 50 милијарди евра и најавата дека американскиот Конгрес би можел да ја премости политичката блокада и да ја откочи помошта за Украина од околу 90 милијарди долари, се вистинскиот начин на кој треба да се дејствува во иднина.

    Во овој контекст, зборовите на американскиот државен секретар, дека ако Украина престане да се бори, ќе престане да постои, но ако Русија престане да напаѓа, ќе престане војната, најдобро ја опишуваат денешната ситуација и изборот со кој е соочен украинскиот народ, кој се бори за својата татковина и за својата иднина.

    Во таа борба, ние ќе продолжиме да бидеме на вистинската страна сè додека не настапи мирот којшто ќе биде по волја на пријателскиот украински народ и кој ќе обезбеди долгорочна стабилност и просперитет не само на Украина, туку и на европскиот континент.

    Дозволете да се заблагодарам за поканата да се обратам на денешната конференција.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img