More

    Претседателот Пендаровски се обрати на 6. годишна регионална конференција за е-трговија

    spot_img

    Претседателот Стево Пендаровски денеска се обрати на 6. годишна регионална конференција за е-трговија посветена на редефинирањето на е-трговијата во ерата на вештачка интелигенција, во организација на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија (АЕТМ).

    Во фокусот на конференцијата е искористувањето на потенцијалот на вештачката интелигенција, нејзината улога во е-трговијата, како и редефинирање и трансформирање на целата индустрија.

    Видео – материјал: https://www.youtube.com/watch?v=bR-v4dXvQ9E

    Во продолжение е интегралното обраќање на претседателот Пендаровски:

    Почитувани присутни,

    Дами и господа,

    Задоволство ми е да ве поздравам на оваа конференција организирана од Асоцијацијата за е-трговија на Македонија, а посветена на редефинирањето на е-трговијата во ерата на вештачка интелигенција.

    Годинава, зборот е-трговија или e-commerce, наполни 30 години. Негови врсници во раните 1990-ти се термините како што се: веб-страница, дигитален номад, дигитален јаз, сајбер-безбедност и сајбер-криминал, метаверзум, 3Д-печатење, ДВД, ПДФ, УСБ, фотошоп и многу, многу други. Во тоа време, кога помалку од 0.05% од светската популација беше на интернет, малкумина ги разбираа овие неологизми. Денес, кога 60% од светот е онлајн тешко дека можеме да се разбереме меѓу себе и да функционираме без нив.

    На што се должи ова? Ако ја погледнеме долгата историја на технолошкиот развој, ќе забележиме дека временскиот интервал меѓу иновацијата и нејзината комерцијална употреба се намалува. Главен двигател на иновацијата отсекогаш била интелигенцијата, но, денес ова е уште поизразено затоа што вештачката интелигенција станува клучен фактор за уште поголеми иновации во речиси секоја сфера, вклучувајќи ја и трговијата. Таа не го менува само опфатот, туку и природата и структурата на производството, на потрошувачките навики и на професиите.

    Вештачката интелигенција повеќе не е сведена само на агрегат за реклами, туку прераснува во рбетен столб на малопродажбата. Корисничките четботови, генерирањето содржини и илустрации за производи и услуги, брзата анализа на потребите на пазарот и преференците на потрошувачите, експоненцијално го зголемуваат влијанието на вештачката интелигенција врз е-трговијата.

    Благодарение на оваа дигитална трансформација, е-трговијата зема голем замав. Годинава околу 20% од малопродажбата на светско ниво се врши онлајн. Бизнисите денес можат да продаваат многу повеќе производи и услуги со многу помалку трошоци, а со тоа и по пониски цени. Поради својот инвестициски потенцијал, овој релативно млад сектор станува важна ставка во економскиот раст и развој на секоја држава.

    Почитувани,

    На ова поле се соочуваме со најмалку три предизвици, ние тука во Македонија. Првиот предизвик е фактот дека технолошките иновации честопати се побрзи од регулацијата и отвораат простор за најразлични злоупотреби, од дезинформации преку сајбер-криминал, па сѐ до безбедносни сајбер-напади. Поради страв од измами, дел од потрошувачите сѐ уште со недоверба гледаат на онлајн-трговијата.

    Вториот предизвик е ризикот од зголемување на невработеноста и социјалната нееднаквост, особено поради дигиталниот јаз и ниското ниво на дигитална писменост.

    Третиот предизвик е демографски. Младата дигитална генерација има клучна улога во е-трговијата. Младите луѓе не само што ги следат туку и ги создаваат главните дигитални трендови од кои зависи економскиот раст. Но, тука лежи нашиот главен проблем, имено, светскиот извештај за миграција за 2020 година ја рангира Северна Македонија на 20-то место во светот според стапката на миграција. Поради низа системски проблеми, вклучително и корупцијата, постои опасност да изгубиме огромен дел од нашата млада дигитална популација.

    За да одговори на овие предизвици, државата мора да ја гради довербата во овој сектор со тоа што ќе се бори против сајбер- криминалот и ќе ја гарантира сајбер-безбедноста на пазарот. Понатаму, државата мора да вложува во современо дигитално образование за да го надмине дигиталниот јаз во македонското општество. Конечно, мора да го развиваме македонскиот екосистем на е-трговија за да може да привлекува инвестиции, да генерира работни места и да ги задржува младите во земјава.

    Ова се само дел од препораките што ги вброивме во Рамката за развој „МКД 2030“ што нуди долгорочна визија за развој и за иднината на земјата. „МКД 2030“, заедно со Националната развојна стратегија 2021 ‒2041, треба да ни помогне да ја забрзаме дигиталната трансформација на Македонија, да промовираме дигитална економија и образование, да ја подигнеме дигиталната писменост и целосно да ги дигитализираме јавните услуги. И сето тоа да го правиме имајќи ги во предвид потребите на младата генерација.

    Драги пријатели,

    На располагање ни се најсовремените алатки на дигиталната ера. Пред нас е поле за огромен потенцијал за економски раст и развој. Од нас зависи дали ќе се вклучиме во големиот натпревар или ќе ја преспиеме оваа временска епоха која веќе го одредува развојот на секоја национална економија, мала или голема сеедно, во 21 век.

    Верувам дека најавените импресивни говорници на оваа конференција ќе ни дадат идеи како најдобро да ги искористиме можностите што ни се нудат за развој на е-трговијата во нашите држави и региони. И можеби, токму тука, во таа размена на искуства ќе се родат нови идеи и нови зборови што ќе ги инспирираат следните генерации.

    Благодарам.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img