Претседателот Стево Пендаровски и Афшан Кан, регионалната директорка на УНИЦЕФ за Европа и Централна Азија се сретнаа со млади активисти и дискутираа за актуелните предизвици со коишто се соочуваат младите во земјава.
Учесниците разговараа за важноста на младинското учество, справувањето со климатските промени и заштитата на животната средина, унапредување на квалитетот на образованието и стекнување на вештини кај младите, менталното здравје и врсничкото насилство. Овие теми беа идентификувани како области во кои младите можат да придонесат со конкретни активности.
Во своето поздравно обраќање претседателот Пендаровски ја нагласи важноста од ваквата проактивност на денешната генерација млади во насока на справување со најгорливите прашања коишто претставуваат своевидни бариери во нивниот личен или колективен развој.
Во тој контекст ја истакна и потребата од максимална посветеност на сите релевантни чинители во нашата држава во препознавањето на моментумот и негувањето на потенцијалот кај младите, воспоставувајќи иницијативи, проекти и платформи коишто ќе овозможат нивно вмрежување кон заеднички придонес. Тоа, според претседателот, е еден од клучните предуслови за креирање долгорочни политики и стратегии кои што ќе водат кон севкупен напредок на нашето општество.
Регионалната директорка на УНИЦЕФ за Европа и Централна Азија, Афшан Кан изрази задоволство што младите умеат да најдат решенија за прашањата што им се најважни, а со ваквите иницијативи им се овозможува да израснат во отпорни и активни граѓани. Нагласувајќи ја потребата од натамошно поттикнување на придонесот на младите во решавањето на денешните предизвици, таа ја истакна важноста на соработката на УНИЦЕФ со Кабинетот на претседателот во насока на создавање простор за младите да ја обликуваат иднината што ја посакуваат.
Во изминатите неколку години претседателот Пендаровски и УНИЦЕФ значително, со низа активности, ja зајакнаа долгогодишната соработка во насока на унапредувањето на правата на децата и младите во земјата.
Минатата година беше реализирана заедничката иницијатива „Преосмисли ја иднината“, којашто им овозможи на младите, покренувајќи прашања што им се ним важни, активно да учествуваат во дефинирањето на визијата за иднината на Северна Македонија.
На средбата младите го споделија своето искуство во учеството на други иницијативи како што се Младинскиот самит за климатски промени, програмата UPSHIFT, Преспа форум за дијалог, U-Report, Самитот за трансформација на образованието, Светскиот ден на детето 2021 година, како и во иницијативата Младински застапници за правда за децата.