More

    Претседателот Пендаровски: Апелирам до сите политички чинители конструктивно да се вклучат во процесот на европска интеграција

    spot_img

    Претседателот Стево Пендаровски денеска се обрати на настанот „На европскиот пат: нови реформи, нови можности”, во организација на Секретаријатот за европски прашања, посветен на Извештајот на Европската Комисија за напредокот на Република Северна Македонија за 2022 година.

    Во продолжение го проследуваме интегралниот текст од обраќањето на претседателот Пендаровски.

    Видео-материјал:

    Обраќање на претседателот Пендаровски – https://youtu.be/GT-a9BNbH8A

    Почитувани присутни,

    Ценети екселенции,

    Дами и господа,

    Пред два дена го добивме најновиот извештај на Европската комисија за напредокот на Северна Македонија во евроинтеграциите. Како и во сите досегашни извештаи, а ги имаме многу, во него се содржани реални оценки за статусот на домашниот реформски процес. Но, за разлика од порано,  според мене, постојат три нови моменти поврзани со овој извештај.

    Прво, отворањето на преговорите ја зголеми тежината, релевантноста на самиот извештај. Меѓувладината конференција во јули годинава, за нас, објективно претставуваше историска пресвртница, затоа што ја означи новата, суштинска фаза на интеграциите. Со тоа, за прв пат, Извештајот освен наша домашна задача, стана и обврска за Европската Унија да биде далеку поактивно вклучена во процесот. Скринингот прецизно ќе ги одбележи сите наши системски пропусти и ќе ги дефинира реперите за натамошна трансформација на општеството.

    Второ, извештајот го добиваме во услови на сложен геополитички контекст, без преседан. Европа и светот се соочуваат со длабока економска и енергетска криза што беа иницијално предизвикани од пандемијата, но, драстично продлабочени со руската агресија врз Украина. Извештајот прецизно кажува дека во делот на европската надворешна и безбедносна политика имаме 100 процентна усогласеност со Унијата каква што немаат ниту сите земји-членки.

    Трето, извештајот ни доаѓа во време на растечки европесимизам меѓу македонските граѓани поради забавените евроинтеграции. Јасно е дека досегашниот застој се должеше не само на недостигот на реформи, туку, пред се, на заморот од проширување и отворените блокади и непринципиелни барања од една земја-членка во процесот.

    Иако одговорноста за темпото на интеграциите е споделена, последиците не се, бидејќи нив ги чувствуваат само македонските граѓани. За прв пат од 1991-та, поддршката за евроинтеграциите не можеме да ја земеме здраво за готово, бидејќи граѓаните се при крај со трпението.

    Почитувани присутни,

    Во текот на изминативе 17 долги кандидатски години, сведоци сме на многу започнати, а, недовршени реформи и уште повеќе на бројни донесени, а, селективно спроведени европски закони. Во неколку наврати македонските граѓани и нивните избрани политички претставници прифаќаа тешки компромиси без преседан во модерната историја, се во името на европската иднина. Не еднаш беше подгреван ентузијазмот кај луѓето кога се чинеше дека се наоѓаме пред самата порта на Обединета Европа. И речиси секогаш тие очекувања беа изневерувани поради барања и  блокади кои реално не беа поврзани со европските вредности. На внатрешен план, закочените европски интеграции доведуваа до чести политички кризи, поларизација во општеството, партизација на институциите, економска стагнација и најтешкото и најболното, масовно иселување на младите.

     Објективно говорејќи, единствено, континуитетот во преговорите може да ја промени ваквата состојба. Прифаќајќи го францускиот предлог, ја надминавме бугарската блокада. Во овој момент, не можеме да ја исклучиме можноста од евентуални идни провокации на политички субјекти со анахрони погледи, како и непринципиелни и во суштина неевропски барања што ќе задираат во нашите идентитетски одредници. Но, во Европа, треба да му биде секому јасно дека партнери за таков дијалог овде нема да најдат. Не смееме да трошиме време и енергија за да смируваме нечија нечиста совест. Сиот потенцијал треба да биде  фокусиран  кон реалните, а не кон реторички реформи, затоа што тоа од нас, долго, предолго го очекуваат македонските граѓани.

    За продолжување на преговорите ќе биде неопходен државен консензус и за уставните измени, кој ќе треба да го направиме повторно во име на европската иднина. Меѓутоа, во тој потфат треба да влеземе плански и без брзање, а, тој процес да се одвива онолку време колку што ќе биде потребно за да не отвораме нови рани во ткивото на македонската нација.

     Во преговорите ќе ни стане јасно дека интеграциите не се само добрососедските односи, туку станува збор за еден колосален потфат за трансформација на државата и општеството што ќе бара трпение од сите нас, но и откажувања во многу области од нашето живеење особено на оние кои  се денес привилегирани по разни основи.

    Крајната цел е изградба на функционална правна држава со ефикасен судски систем. Не случајно владеењето на правото е почетен, но и завршен чекор во евроинтеграциите. Ако има правда, ќе има и доверба во институциите и економски и севкупен општествен развој. Круцијален предуслов за правна држава е борбата против организираниот криминал, високата корупција,  клиентелизмот и воопшто, двојните стандарди при имплементација на законите која што често зависи од нашата имотна состојба, општествен статус, етничка или политичка припадност.

    Длабоко сум убеден дека преговорите за членство ќе бидат стабилизирачки фактор не само за нашата држава, туку и позитивен сигнал за целиот регион. Сведоци сме дека најотпорни на негативните последици од кризите од најразличен тип, се токму државите со развиена демократија, силни економии и транспарентни институции. Во исто време, реалната европска перспектива е најдобниот начин за градење отпорност кон авторитарните лидери и погубните геополитички алтернативи.

    Конечно, преговорите се можност за намалување на евроскептицизмот  преку враќањето на Европската Унија на голема врата кај нас и во регионот. Тоа може да се постигне само преку поголема видливост на Унијата со своите механизми, иницијативи, критики и структурни фондови. Граѓаните треба да ја чувствуваат Унијата, не како далечно, безлично бирократско тело, туку, како нивен сојузник во напорите за подобар живот, тука, во Северна Македонија.

    Почитувани,  

    Преговорите за членство ќе траат со години и притоа од нас ќе се бара напуштање на старите навики и практики и испорачување конкретни резултати. Во таа смисла, сите треба да дадеме свој придонес, од Собранието кое има централно место во носењето на европското законодавство, владата, претседателот, локалната самоуправа, експертите од граѓанскиот сектор, медиумите.

    Ова е сериозен процес кој не трпи импровизации. Секој наш чекор, освен Брисел, ќе го следи и најдобриот судија – македонската јавност. Секоја злоупотреба на овој процес за теснопартиски или лични интереси ќе значи губење на скапоцено време, кое го немаме, но, што е уште поважно, ќе значи дополнително губење  на и така ниската доверба на граѓаните во државните институции.

    А, држава во која граѓаните немаат доверба сигурно не е држава во која тие ќе сакаат да живеат.

    Ценети присутни,

    По својата суштина, европските интеграции не можат да бидат цел и приоритет на само една политичка гарнитура. Тоа е национален проект што сите релевантни политички партии го поддржуваат од почетокот на македонската независност до денешен ден. Затоа, апелирам до сите политички чинители, како од власта, така и од опозицијата, конструктивно да се вклучат во процесот и да придонесат за негово непречено одвивање. Како натпартиски потфат, европските реформи можат да ни помогнат да ги вратиме општото добро и јавниот интерес во центарот на политичкиот дискурс и практика. Така ќе ги оствариме и виталните национални стратешки приоритети, а, тие се, заеднички да посведочиме на силен економски и општествен развој, на поголема доверба во институциите и драстично помало иселување на младите.

    Заедно можеме да го постигнеме она што засебно сигурно не можеме. Ако успееме да изградиме демократско и просперитетно општество, со сите нишани, дури тогаш ќе можеме да кажеме дека независната македонска држава, конституирана во 1991-та конечно ќе го добие своето историско оправдување и логика.

    Ви благодарам.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img