Претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко, изјави дека Белорусија ќе употреби нуклеарно оружје доколку биде нападната од НАТО, пренесува руската државна агенција ТАСС.
– Напад врз Белорусија е вовед во Трета светска војна – изјави Лукашенко, додавајќи дека границите на државата се црвена линија и дека секое прекршување ќе има моментален одговор.
Според Лукашенко, рускиот претседател Владимир Путин го потврдил неговото тврдење со последните измени на руската нуклеарна доктрина.
Смената која ја предложи Путин вклучува Русија да може нуклеарно да одговори на напад од ненуклеарна земја, но која е поддржувана од нуклеарна сила.
Заканите на Путин и на Лукашенко доаѓаат во време кога украинскиот претседател Володимир Зеленски во САД побара ракети со долг дострел и друго оружје за Украина според таканаречениот „план за победа“.