Барселона ја обезбеди титулата во Примера, откако во 34.коло од Ла Лига го совлада Еспањол со 4:2 на гостински терен. Претседателот на Барселона, Жоан Лапорта, призна дека каталонскиот клуб сака да го врати аргентинскиот фудбалер Лионел Меси во каталонскиот клуб, пренесуваат шпанските медиуми.
Лапорта истакна дека планот на Барселона е да се најде соодветен систем и план за одржливост во кој приходите на Меси ќе се вклопат во буџетот на клубот, но додаде дека тимот од Ноу Камп мора да чека на одобрување од челниците на Ла Лига. Меси играше за Барселона од 2000 до 2021 година.
„Го сакаме Меси, но нема да нудиме „луди бројки“ за тој или друг договор. Ќе се обидеме системот да функционира со планот за одржливост, а потоа ќе чекаме одобрување“, рече Лапорта.
Тој повтори дека Меси е најдобриот фудбалер во светот.
„Каде би играл Меси во нашиот клуб? За тоа ќе одлучи Чави, но тоа никогаш не било проблем со најдобриот фудбалер на светот“, додаде претседателот на Барселона.
Лапорта истакна дека во последните неколку месеци го подобрил односот со Меси.
„Разговарав со Лео, го подобривме нашиот однос. Беше многу убаво. Барселона е Барселона и овој клуб може да се натпреварува со секого. Што се однесува до Ал Хилал, тие добро си ја вршат работата во Саудиска Арабија. Сепак, Барселона е домот на Меси. Го сакаме во нашиот клуб“, изјави Лапорта.
Меси има договор со Пари Сен Жермен до 30 јуни годинава, но се уште не одлучил каде ќе ја продолжи играчката кариера.