Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова им ја честиташе Новата година на македонските граѓани, посакувајќи им оптимизам, надеж и истрајност.
– Драги сограѓани, драги сопатници во заедничкото македонско патување и патешествие, во нашето споделување на арното и на лошото, денеска е тој ден, најден, со заслужени суперлативи – најдолг, најсреќен, најубав, ден кога нешто оставаме како спомен од минатото и со себе ја земаме надежта за поубава година – вели претседателката Давкова.
Во годинава што изминува, потенцира таа, бевме сведоци на многу порази и падови, но и на успеси, хуманост, меѓусебна помош и поддршка.
– Новата година е момент да се направат многу нешта во пријатна атмосфера, но и момент да се потсетиме дека некои храбри луѓе бдеат над нашата благосостојба. Новата година секогаш буди оптимизам, надеж и раѓа нови можности. Како и во вашите животи, и во мојот, има и подеми и падови, но и стотици причини и мотиви да не се откажуваме. Ние секогаш имаме обврска да чекориме напред и кон подобро, заради нас самите, заради нашите деца и за општото добро. Мудриот рекол: „Една гранка лесно се крши, но кога 10 гранки ќе се сплотат, тоа е невозможно“ – додава таа.
Живеејќи во свет на искривени вредности, потенцира претседателката, да испратиме пораки дека заедно сме посилни и посреќни. Да им подадеме рака и на немоќните, додава таа, на лицата коишто живеат на маргините, потребни сме им, но и тие нам. Давкова посочува дека треба да изградиме општество во кое секој ќе има шанса за пристоен и за достоинствен живот, ранливите да добијат поддршка, а младите – инспирација, мотив и иднина.
– Имаме насушна потреба од еколошка правда и од договор со природата, но не како наметната обврска, туку како предуслов за извесна иднина. Како нација имаме право да го покажеме пред светот нашето вистинско лице, да ја кажеме нашата долговековна приказна, да веруваме во нашиот македонски сон. И како човек и како претседателка верувам дека вреди да се бориме за правото, правдата и за моралот. Држејќи се до овие начела, малите земји имаат шанса да ги пребродат големите бури во меѓународните води. Да го чуваме, како добри домаќини, нашиот заеднички дом. Посакувам 2025 година да биде година на успеси, стабилност, радости и на остварени соништа. Да живееме во мир, спокој и во хармонија со оние што ги сакаме и што нѐ сакаат. Среќна Нова година! – советува претседателката Давкова.