Околу 4 милијарди рубљи во картонски кутии (47 милиони долари) пронајде руската безбедносна служба ФСБ кај лидерот на платеничката група „Вагнер“, Евгениј Пригожин, при претресот на хотелот Трезини во Санкт Петербург, кој се смета за негова канцеларија. Освен тоа пронајдени се пет килограми златни прачки, шест пиштоли, бела прашкаста материја и најмалку четири лажни пасоши од кои едниот е на ќелав човек по име „Владимир Бобров“, Дмитриј Гејлер и еден на име на Олег Семенов пишува рускиот медиум Медуза.
Веста ја пренесе и КиевПост. Медиумите се повикуваат на објава од каналот Фонтанка на Телеграм. ФСБ отвори предмет за Пригожин за воен бунт, а руски от весник „Комерсант“ вчера напиша дека обвинението уште е отворено и покрај наводниот договор тој да замине во Белорусија, а во замена за тоа да не биде осудуван.
Вчера Пригожин излезе во јавноста велејќи дека не се согласил да потпише договор со Министерството за одбрана и дека неговата платеничка фирма мора да престане да постои на 1 јули, пренесува Би-Би-Си. Тој вели дека целта на маршот била да се изрази протест, а не да се собори руската влада.
Во меѓувреме рускиот опозициски весник „Верстка“ објави дека Белорусија почнала да гради кампови за борците на приватната воена компанија „Вагнер“ на 200 километри од Киев.
Британски Телеграф пишува дека службата ФСБ му направила „КГБ финта“ на Пригожин со тоа што им се заканувала на семејствата на водачите на „Вагнер“ пред Пригожин да ја сопре бунтовничката колона на стотина километри од Москва.
Друг фактор во повлекувањето се проценува е фактот што платеничката сила имала 8.000 борци, а не 25.000 пријавени за време на драматичната сабота.