Членови на тимот на Доналд Трамп спречија, додека тој беше во Белата куќа, здравствените службеници да дадат одредени информации за ковид-19 со цел извештаите да бидат поусогласени со оптимистичката визија на поранешниот американски претседател, се вели во парламентарниот извештај објавен синоќа.
Високи функционери во Центрите за превенција и контрола на болести (ЦДЦ), главната федерална здравствена агенција на САД, им рекоа на истражителите дека членовите на администрацијата на Трамп го заплашувале нивниот персонал и се обиделе да ги преправат нивните извештаи за да одговараат на изјавите на претседателот, кој ја минимизираше епидемиската криза.
Инспекторите интервјуираа десетина поранешни и сегашни функционери на ЦДЦ, како и високи владини функционери, за овој извештај од 91 страница, објавен од конгресната комисија која се занимава со кризата ковид-19.
Во него, одборот опишува како претставници на Министерството за здравство, назначени од Доналд Трамп, се обиделе да ја преземат контролата врз научното списание на ЦДЦ, „Неделен извештај за морбидитет и морталитет”, уредувајќи или цензурирајќи текстови за кои сметале дека му штетат на републиканскиот претседател.
Тие функционери се обидоа да ја „променат содржината, да го спротивстават или одложат објавувањето” на 18 од тие неделни извештаи, како и здравствените предупредувања, и успеаја во пет наврати, се вели во извештајот на конгресната комисија.