Околу 1.100 вагони со жито чекаат во западна Украина за да ја преминат границата со Полска, но се блокирани поради долгите бирократски процедури и логистички проблеми, предупредуваат трговците и претставници на украинската железничка компанија.
Кога на тоа ќе се додадат вагони натоварени со растително масло, железна руда, метали, хемикалии и јаглен, бројката се зголемува на 24.190 вагони, покажуваат неодамна објавените податоци на украинската државна железничка компанија Укрзализницја.
Главниот проблем е што нема доволно работници или вагони кои би можеле да преработат и преземат толку големo количeство стока, велат познавачите на индустријата и владата.
Украина е еден од најголемите извозници на житарици во светот, а пред војната ги извезуваше речиси исклучиво преку Црното Море. Железницата беше во втор план, поради повисоките транспортни трошоци.
Сега Киев бара алтернативен, копнен пат за извоз бидејќи руската инвазија ги блокираше неговите главни пристаништа на југ, што го отежнува извозот на жито и други стоки, потсетуваат официјални лица и упатени во индустријата.
Украинската железничка мрежа користи руска пруга, широка речиси 1,5 метар, што е околу 10 сантиметри поширока од пругата во поголемиот дел на Европа, па вагоните треба да се подигнуваат со кран, а шасијата да се менува рачно, објасни Валери Ткачов, заменик директор на трговскиот оддел на украинската железничка компанија.
Алтернативно решение би било истовар на жито од украински во полски вагони, што може да потрае и до половина час по вагон.
– Државната железница работи на зголемување на капацитетот, така што во Полска, Романија, Унгарија и Словачка ќе можат во рок од три месеци да преминуваат 1.100 вагони житарици дневно, што е речиси десеткратно зголемување во однос на нивото во март, додаде Ткачов.
Украинскиот производител на храна Астарта холдинг се очекува овој месец да испорача 25.000 метрички тони пченка на клиентите во Европа, но сè уште не го доби потребното одобрение од регулаторите на железницата, изјави Јулија Берешченко, директор за односи со инвеститори и развој на бизнисот.
Од компанијата соопштија и дека имаат на залиха околу 150.000 тони неискористени житарици, главно пченка. Во овој период од годината силосите треба да бидат речиси празни, нагласуваат од Астарта холдинг.
Агенциите за хуманитарна помош посочуваат дека земјите кои досега увезувале жито од Украина, вклучувајќи ги Кина, Египет, Турција и Индонезија, ќе мора да најдат алтернативни извори за снабдување бидејќи во спротивно ќе се соочат со недостиг на храна.