Одлуките се носат во правец на одговорно и контролирано приредување на игри на среќа особено преку интернет од страна на државата. Во однос на самото контролирано приредување на интернет игрите на среќа во новоформираните друштва доминантно учество во капиталот и управувањето ќе има Државна лотарија која е гарант за почитување на сите принципи за одговорно и контролирано приредување на игри на среќа, посочи денеска премиерот Димитар Ковачевски по посетата на компанијата „Горска“.
Тој рече дека работењето на Државната лотарија на Македонија минатата година било потврдено и со сертификат од Асоцијацијата на европски лотарии за одговорно приредување на игри на среќа.
– Забраната за малолетни лица може да се санкционира и да се сноси одговорност само преку домашни платформи наместо нерегулираниот, неконтролиран и хаотичен актуелен онлајн простор окупиран од странски платформи. Бидејќи сите ние сме свесни дека во моментот нашите граѓани се обложуват и играат игри на среќа на странски платформи кои без ограничување се достапни преку социјалните медиуми или директно преку одредени интернет портали и обложувањето се прави во странски држави. Истовремено, добиените приходи од приредувањето на интернет игри на среќа ќе значат директно зголемување на средствата во буџетот на државата, а граѓаните ќе имаат можност да играат преку домашни платформи што ќе подразбира сигурна исплата на добивките и ќе значи сузбивање на нелегални странски и домашни приредувачи на полето на интернет игри на среќа – појасни Ковачевски.
Тој додаде дека со новите интернет игри на среќа ќе има либерализација на пазарот, државата ќе има доминантно учество, граѓаните ќе имаат заштита, државата ќе има поголем прилив во буџетот и наместо обложувањето да се прави неконтролирано на странски онлајн платформи за игри на среќа ќе се прави на онлајн платформи каде државата ќе има доминантно учество.