Премиерот не сака да се врзува со датуми за спорот со Бугарија

Lorita
By Lorita 3 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!

Премиерот Димитар Ковачевски вели дека од секогаш се залагал да има брзо решение со Бугарија, но, како што нагласува, не избрзано. Во моментов се разговара, но заемно прифатливо решение, посочува, се уште нема.

– Јас никогаш не се врзував со датуми. Секогаш кажував дека нам ни треба брзо, но не избрзано решение. Министерствата за надворешни работи на двете земји работат на политичките прашања. Тие политички прашања ги разговараат на средби според стандардите на меѓународните односи. Во моментов се работи на размена на идеи по однос на отворените политички прашања, а штом ќе има документ или решение што е прифатливо за двете страни тогаш тоа ќе биде соопштено како на институциите во Бугарија согласно нивните законски постапки така и кај нас согласно нашето уредување и нашите закони. Во овој момент такво заемно прифатливо решение не постои – истакна премиерот Ковачевски во одговор на новинарско прашање.

Тој нагласи дека нема некакви тајни преговори или разговори за ова прашање и оти сѐ за што се разговара е веќе познато.

– Знаете дека со Бугарија имаме односи кои се базираат на искрена комуникација помеѓу двете влади, помеѓу двата премиери. Веќе работат работни групи со конкретни резултати во делот на економијата, инфраструктурата, во делот на образованието, културата и европските интеграции. Ние веќе имаме врз основа на работата на тие работни групи потпишано голем број на меморандуми, имаме и конкретни чекори направено во различни области – истакна Ковачевски.

Премиерот одговараше и на прашање во однос на информацијата за тоа дека постојат поединци кои работат во државните институции и кои практично работеле да не се постигне договор помеѓу Република Бугарија и Република Северна Македонија и притоа истакна дека случајот ќе се процесуира согласно процедурите.

– Таа информација ја имавме веќе првиот ден министерот за надворешни работи и јас. Тоа нормално дека во рамките на МНР ќе се процесуира согласно процедурите до соодветните служби, меѓутоа јас не можам да кажам повеќе бидејќи се работи за класифицирани информации – рече Ковачевски по посетата на реновираниот оддел за онкологија на ЈЗУ Универзитетската клиника за детски болести.

Share This Article