Премиерот Христијан Мицкоски очекува дека до крајот на годината ќе бидат потпишани договорите за изведба на интерконекторот со Грција и дека напролет ќе почне работата на терен.
Овој проект, според него, е многу важен за државата затоа што ќе имаме алтернативен извор на природен гас.
Првиот тендер за изградба на интерконекторот беше неуспешен по што беше распишан нов. Понудите за овој тендер треба да пристигнат до 20 ноември за кога е предвидено нивното отворање.
Со овој проект се опфатени покрај интерконекторот со Грција (66 км) и двете други делници од гасоводната мрежа во земјава – Гостивар-Кичево (34 км) и делницата Свети Николе-Велес (28 км).
Интерконекторот е во должина од 123 километри, а од македонска страна треба да бидат изградени 67 километри од Гевгелија до Неготино.
Според тендерот, изградбата на гасоводот треба да трае 2 години и ќе чини 83,6 милиони евра.
Следен приоритет, како што изјави Мицкоски во интервјуто за косовската државна телевизија, ќе биде изградба на интерконектор и со Косово.
– Може да оствариме исклучително квалитетна комуникација на овој план односно гасот којшто дел ќе завршува кај нас, дел ќе завршува и во Косово имајќи предвид дека употребата на гас тука е многу помала претпоставувам поради големите количини на јаглен. Од 1.1 2026 година поради Планот за раст ќе мора сите компании кои извезуваат во Европската унија да користат електрична енергија којашто е произведена од т.н. зелена енергија. Од тие причини треба да го имате природниот гас како дел од своето производно портфолио, нешто за што ние сме подготвени да соработуваме истовремено и со размена на електрична енергија и тоа во период кога кај нас недостасува, а тука има повеќе и обратно, кога кај нас има повеќе, а во Косово недостасува – рече Мицкоски.
Земјава сега единствено гасно е поврзана со Бугарија.