Трите барања на бугарскиот премиер Кирил Петков за отворениот спор меѓу Македонија и Бугарија се ултранационалистички, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција во седиштето на партијата.
– Тие три барања се порадикални и од барањата на Каракачанов. Затоа што он вели вака „Декларацијата од Параментот“ – таа е ултраасимилаторска и хегемонистичка, потоа вели „Бугарите во Уставот“ и конечно на крај викаат „Договорот за добрососедство“. Не знам кој нормален човек од Македонија ова ќе го прифати. Јас не знам дали има таков човек. Па дури и овие кои ние мислиме дека се комплетно отсутни кога станува збор за националните интереси, мислам дури ни тие ова не може да го прифатат – рече Мицкоски.
Според него, ова е обид на Петков да ја одржи како таква коалицијата во Бугарија со, како што вели, „ултра радикален национализам“.
– Се гледа дека човекот политички лута, од тоа што се претставуваше како либерал со отворени сфаќања, сега да тврди ултра националистички барања. Нормално дека тоа нема да го прифатиме. Додека не видиме гаранции на маса со кои се поништува резолуцијата од ноември 2019 година, додека не добиеме еден документ за да имаме основа да дискутираме за се останато, не ја гледам поентата на тие преговори. После оваа изјава негова не знам зошто воопшто преговараме, нагласи Мицкоски.
Мицкоски оцени дека се чекор поблиску до предвремени парламентарни избори и најави оти ќе продолжат со активностите до крај да го водат овој процес, до, како што кажа „последен ден на буткање на оваа Влада“. Но, како што рече, не очекува од власта да се повлече и дека на 19-ти јуни ќе се согласи за превдремени избори.
– Јас не очекувам од овие луѓе да кажат нешто поинаку. Нормално дека они ќе гледаат да го искористат и последниот рок за да продолжат да го крадат народот и да ја осиромашуваат Македонија. Овие луѓе се неодговорни, самобендисани и луѓе кои се изгубени во власта и мислат дека привилегијата ним им припаѓа бидејќи им е вродена од татко и дедо наследена. Не. Но, ние ќе продолжиме да се бориме, рече Мицкоски.
Нагласи дека ќе продолжат, бидејќи според него не е одговорно да молчат и најави и други активности во Парламентот.
Ако тие мислат дека по која било цена можат да му се спротивстават на народот, а народот е тој којшто е суверен во оваа држава тогаш мислам дека народ ќе им се случи и колку високо летаат верувајте многу посилно и пониско ќе слетаат. Ценам дека сме поблиску, секој ден сме се поблиску ќе има и понатаму активности, не очекувам дека веќе на 19-ти тие ќе се вразумат, ќе бидат нови луѓе. Јас реков дека не верувам во инстант успеси или инстант решенија, ова ќе биде процес кој ќе трае и ние сме подготвени до крај да го одиме овој процес, до последен ден на буткање на оваа Влада – рече Мицкоски.
Во однос на повлекувањето на ГРОМ од Коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски нагласи оти очекува Стевчо Јакимовски да делува опозициски, како што и самиот кажа. Смета дека тоа нема да има негативно влијание, туку очекува само да имаат поголема додадена вредност во процесот на рушење на оваа Влада.
– Моите односи после сите овие навреди кои ги слушнав изминативе денови кои тој ги искажа за мене, се прекинати. И не гледам зошто да имаме односи, сепак човекот во неколку наврати лично ме навреди, моето семејство и мојата сопруга, итн. и навистина тоа е недостоинствено да го коментирам. Ќе му посакам многу среќа и успех понатаму – заклучи Мицкоски.