Премиерот Димитар Ковачевски го повика ЕВН, како дистрибутер на електрична енергија, да ја направи во најбрз рок замената на обични во дигитални броила за да можат што повеќе домаќинства да ја користат евтината тарифа за струјата.
– Се надевам дека екипите на ЕВН ќе можат сетирањето да го направат во најбрз можен рок зашто се работи за нешто што мора дистрибутерот да го направи на терен. Тие имаат екипи, имаат знаење и стручност, се работи за реномирана австриска компанија и сметам дека тоа ќе го направат на задоволсвото на граѓаните – рече премиерот Ковачевски по средбата со претставници од здруженија на пензионерите.
Од денеска за повеќе од 170 илјади домаќинства, или за една третина од околу 700 илјади домаќинства во земјава, кои имаат дигитални броила, почнува евтината тарифа на електрична енергија од 13 до 15 часот. Останатите треба да почекаат да им бидат адаптирани броилата.
Одговарајќи на новинарско прашање Ковачевски рече дека не очекува зголемување на цената на електричната енергија, „особено не за 90 проценти од граѓаните кои се во првиот и во вториот блок и кои трошат нормални количини на електрична енергија што му се потребни на едно домаќинство“.
– Во овој момент можам да кажам дека не очекувам зголемување на цената на електричната енергија, а финалниот збор, согласно законските надлежности, го има Регулаторната комсија за енергетика – рече Ковачевски,
Висината на сметките за електрична енергија, посочи премиерот, не зависи само од електричната енергија која дистрибутерот ја обебедува од ЕСМ, туку и од други ценовни елементи.
– Финалната цена на електричната енергија ја одредува Регулаторната комсија за енергетика, каде што се калкуриураат и маржите на секој од играчите на пазарот, на преносниот систем, на загубите итн. – рече Ковачевски.