Запалени прагови на пруга помеѓу Слепче и Браилово повторно го прекинаа сообраќањето на единствениот воз на релацијата Битола-Прилеп- Велес-Скопје.
Патниците од Велес утрово на Железничката станица во Велес беа разочарани што не можат да се качат на единстевниот воз што доаѓа од Битола преку Прилеп и Велес за Скопје, а кој по возен ред во Велес поаѓа во 5:46 часот.
Како што информираа за МИА од Железничката станица во Велес, причина било запалено стрниште покрај пругата кое се проширило и запалило и прагови на пругата, поради што железничкиот сообраќај е во прекин. Се работи на повторно оспособување на пругата.
Според информацијата од Центраот за управување со кризи вчера попладне била запалена ниска вегетација по што се запалиле и прагови на пругата помеѓу селата Слепче и Браилово, прилепско. Со брза и ефикасна интервениција на пожарникарите од ТППЕ Прилеп пожарот синоќа бил изгаснат.
Ова е трето онеспособување на пругата на релација кај селото Браилово поради изгорени прагови, а поради третпат за месец и половина во прекин е возот на релација Битола-Прилеп-Велес-Скопје и обратно. Првиот прекин односно илјади изгорени прагови на пругата кај Браилово прилепско имаше на 25 септември, а поради што 8 дена возот беше во прекин. Вториот пожар на стрниште по што беа зафатени околу 200 прагови на пругата кај Браилово Прилепско беше на 12 октомври и неколку дена возот повторно беше во прекин.
Воедно, од 25 октомври со одлука на МЖ Транспорт наместо три сообраќа само еден воз на релација Битола-Прилеп-Велес-Скопје и обратно. По денешното повторно горење на прагови на пругата во прилепско сега во прекин е единствениот патнички воз на оваа релација.
Поради негово несообраќање денеска патниците од Велес, во голем број работници, ученици и студенти кои патуваат за Скопје, наместо со битолскиот во 5.46 часот мораа да чекаат 40-тина минути и за Скопје заминаа со возот од Гевгелија кој во Велес поаѓа и дојде навреме во 6.27 минути. Многумина од нив, а кои имаат и месечни карти за воз, денеска задоцнија на работа и училиште.