More

    Преферираме коалиција со албанската опозиција посочува Мицкоски

    spot_img

    Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во интервју за МИА вели дека по 8 мај, денот на гласањето за парламентарните избори, коалицијата „Твоја Македонија“ ќе биде апсолутен победник. Смета дека ќе успеат да консолидираат 61 пратеник и додава дека за коалициски партнер го преферираат албанскиот опозициски блок.

    За евентуалното коалицирање со ДУИ нагласува дека оти во политиката никогаш не се затвораат вратите, но потенцира дека предност има коалицијата „Вреди“.

    – Мислам дека ВМРО-ДПМНЕ ќе успее да консолидира 61 пратеник по 8 мај. Како коалиција „Твоја Македонија“, ќе бидеме апсолутен победник. Не би можел денеска да проектирам колку. Секако ќе поканиме коалициски партнер токму поради овие причини што зборуваме за права на застапеност на помалите етнички заедници. Тоа е моја реченица дека во политиката никогаш не се затвораат вратите и така е. Но, наш приоритет е коалицирањето со албанската опозиција – нагласува Мицкоски.

    За усогласувањето на одредени политики со албанската опозиција, како што се уставните измени, вели се уште не разговарале, во моментов се насочени кон кампањите и за претседателските и за парламентарните избори.

    – Генерално сме тука фокусирани, воопшто не сме фокусирани на преговори. Ние имаме јасна програма, Платформа 1198, имаме јасна реформска агенда, јасна визија за Македонија. Таа реформска агенда ги опфаќа сите етнички заедници. Не е ова само за Македонците. Еве малку реформи за Македонците, па малку за Ромите, па малку за Турците, па за Албанците. Не, ова е за сите граѓани. Цениме дека имаме производ којшто навистина е многу значен и носи развој на Македонија – нагласува Мицкоски.

    Во програмата во делот на економските политики во следните четири години ВМРО-ДПМНЕ прогнозира раст на БДП од 3 на 5%, намалување на инфлацијата од 3,7 на 2%, буџетски дефицит од -3,6 на -2,9, стапка на невработеност од 12 на 7,5, намалување на јавниот долг од 63,8 на 59,7 и странски директни инвестиции од 4 на 5,5. Мицкоски во интервјуто наведува дека економската програма ја изградил економскиот тим на ВМРО- ДПМНЕ и Извршниот комитет, во консултации со многу луѓе од реалниот сектор, а како што посочува, за стабилна економска политика, пред сè потребна е ефикасна борба против корупцијата, бидејќи како што вели, ако перцепцијата за државата е дека е исклучително криминализирана, дека нема владеење на правото, тогаш логично е да има отпор кај бизнисмените да инвестираат.

    Мицкоски нагласува дека немаат намера да се занимаваат со стимулирање на потрошувачката, туку со стимулирање на инвестициите и тоа е начинот на којшто ќе ги зголемат параметрите, кои ќе треба да носат повеќе приходи во буџетот, а од друга страна да има контролирани расходи, што пак ќе значи раст на БДП.

    За изборното ветување за креирање на 55.000 нови работни места, вели дека веќе разговарале со пријатели коишто се дел од структурата на инвестициски финансиски фондови, држави од каде што очекуваат исклучителна поддршка и помош. На прашањето да открие некои од тие држави, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ нагласува дека ќе одговорат по 8 мај и додава дека граѓаните ќе бидат сведоци на нешто што досега не се случило во земјава.

    – Мораме да обезбедиме пари ако сакаме да ги креираме овие 55.000 работни места односно тие пари да влезат во бизнисот за да може реалниот сектор да ги креира. Многу од бизнисмените, многу од луѓето од реалниот сектор ми велат, имаме потреба од луѓе, имаме потреба од нови вработувања, сакаме да ги платиме, имаме побарувачка од нашите комитенти, но за жал во овој период сме, би рекол во гард, затоа што прво сме несигурни со бизнис амбиентот што владее во државата во целост. И второ, она што за нас е важно е дека практично не владее правото и законите насекаде – нагласува Мицкоски.

    Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ со критика за економските политики на владата, за состојбата на буџетот, за како што вели неконтролираното трошење, за што нагласува дека ќе има одговорност. Поголеми плати и пензии при константно низок степен на инфлација е целта на ВМРО-ДПМНЕ, а на прашањето од каде ќе ги најдат средства за зголемувањето на пензиите односно по 5.000 денари за секој пензионер во првата година од мандатот, нагласува дека во нивните проекти тие пари се веќе обезбедени.

    За да се обезбеди непречен економски раст и развој, според лидерот на ВМРО-ДПМНЕ најпрво потребно е справување со корупцијата. Вели, корупцијата е присутна насекаде и во држави како Шведска и САД, но не е на ниво на кое е во земјава, која според извештајот на Транспаренси интернешнл ја достигна 76 позиција од 180 држави во светот и направи скок за 9 места во однос на претходната година.

    – Нашата цел е да влеземе во првите 50…За да се спречи корупцијата прво треба политичарите да придонесат со своето однесување. Нашите закони се одлични, перфектни, но вие треба да се однесувате чесно, вие не треба да имате концесија, ниту јас, ниту ВМРО-ДПМНЕ треба да има концесија кон некого. Не постои бизнис во Македонија што ќе дојде, ќе ме погледне во очи, ќе впери прст кон мене и ќе рече, ти мене ми должиш, јас тебе сум ти помогнал на ваков начин. Не постои таков, ни од Македонија, ни надвор. Одевме чесно, одбравме да биде тешко, да не биде срамно, затоа што знаевме дека еден ден ќе се случи ВМРО- ДПМНЕ да формира влада – нагласува Мицкоски.

    За неподдржувањето на проширувањето на законот за рестриктивни мерки со „црната листа“ на САД нагласува дека тоа е престрога квалификација, додавајќи дека партијата нема зошто да поддржи нешто за што не била консултирана. За тоа дали доколку формира Влада ќе ги ефектуира наводите од „црната листа“ на САД вели дека ВМРО-ДПМНЕ поддржува сè што е во рамки на Уставот и законот и оти тоа е рамката што ја почитува.

    – Јас ја слушнав Анџела Агелер, амбасадорката на САД, која што вели ние поседуваме сериозни докази. Првата работа што идната влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе ја направи е да седне и да побара, кои се тие докази, да видиме да дојдат по допрен глас, да има предистрага, истрага итн., за нешто што претставува сериозен доказ, да видиме. Но исто така ние ќе помогнеме со докази со коишто располагаме и други лица од Македонија да бидат ставени на црната листа. Така што тоа очекувам да биде двонасочна улица – нагласи Мицкоски.

    За измените на Кривичниот законик, кои доведоа до застарување на голем број предмети на поранешното СЈО, но и за тврдењата дека ВМРО-ДПМНЕ дала премолчено одобрување, обезбедувајќи кворум за тие да се изгласаат, Мицкоски вели дека партијата немала никаков бенефит од тие измени.

    – Мора да бидеме прецизни, утре ќе го гледаат ова интервју луѓето. Вие рековте ВМРО-ДПМНЕ имало бенефит. ВМРО-ДПМНЕ има два предмета. Едниот е Талир 1, Талир 2 и двата се во процес, ниту еден не е застарен, со тоа што Талир 2 имаше првостепена пресуда, по жалба на адвокатскиот тим на ВМРО-ДПМНЕ. Апелација со насока да престане постапката дека практично нема тука правно дело, го врати процесот во прв степен и прв степен сè уште не закажува седница. Тоа се двата, а Талир 1 си е во процес. Ниту едниот, ниту другиот не се застарени предмети. ВМРО-ДПМНЕ до денес има замрзнат имот. ВМРО-ДПМНЕ е единствената политичка партија во Европа, која што со замрзнат имот и блокирана сметка победи на избори и најверојатно сега на парламентарни и претседателски. Така што не гледам кој е бенефитот на ВМРО-ДПМНЕ. Ако мислите некој од случите коишто застареа, ќе видите дека во изминативе шест и пол години многу поблиски беа до коалицијата СДСМ-ДУИ – нагласува Мицкоски.

    Вели доколку формираат влада планираат да состават нов Кривичен законик, за кој ќе има јавна дебата, во која ќе бидат вклучени експерти и кој ќе биде согласно европските пракси.

    За најавите за целосно распуштање на сегашните состави на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, за носење на нови закони со кои ќе се регулира нивното работење и за тоа дали всушност ова ќе биде ветингот на правосудниот систем, нагласува дека тоа ќе се направи со цел целосно да се отстрани политичкото и партиското влијание врз правосудството.

    – Во законот ќе се интервенира со амандмани и ќе се избрише делот каде што владата предлага, претседателот предлага, ќе оставиме самите обвинители судии да си ги изберат тие кои ќе бидат таму. Ќе им обезбедиме соодветен буџет независен, да знаат дека секоја година дека ќе имаат процент од буџетот, соодветен на БДП и владата ќе врши надзор на работењето во финансиска смисла, да не дојде до каква било злоупотреба. Никого не познавам во Обвинителство, никого не познавам од судство, иако многумина сега сакаат да се запознаат со мене и обвинители и судии. Нека си ги изберат самите. Да не биде после овој обвинител, аха тој е на Мицкоски, овој судија, аха тој е на Мицкоски. Не, не сакам така. Не сакам владата да предлага ништо, самите нека си изберат. Нека си имаат кандидати од секое апелациско подрачје, нека си гласаат, нека си ги изберат тие кои мислат дека се најдобри, нека бидат и тие во тие тела во советите на обвинители и Судскиот совет и нека функционираат. Ние како влада ќе им дадеме буџет. Ќе бараме само да се почитуваат законите. Но почувствувам ли дека ќе имаат политички влијанија на некои други, почувствувам ли дека ќе имаат бизнис влијанија, жестоки казни ќе предвидиме. Не само промена. Со закон, со затвор. Со затвор ќе бидат казнети, сериозни казни. Затоа што им овозможуваме самите да функционираат, им обезбедуваме како идна влада независно финансирање и работење. Единствено нешто што бараме е да обвинуваат согласно закон и Уставот и да судат според закон и Уставот – нагласува Мицкоски.

    Во врска со евроинтеграциите, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ вели дека се подготвени да разговараат со секого, бидејќи, како што наведува досега не биле вклучени во процесот, а доколку формираат влада за ова прашање ќе ја вклучат и опозицијата. Нагласува дека остануваат на ставот за одложена примена на уставните измени.

    – Јас не сум слушнал ниту еден аргумент на европски политичар којшто го совладал мојот аргумент. Првиот момент кога ќе го слушнам, видете ако мислите на диктатот тоа е тоа, тоа не го прифаќам. Затоа ние велиме одложена примена на уставните измени, бидејќи досега направивме многу како никој од сите земји кои станаа членки на ЕУ. Менувавме имиња, презимиња, знаме, рамковни, вакви, такви, секакви договори, за таа европска иднина и сите ни велеа уште ова само направете го и готово. Вие ќе бидете земја членка на ЕУ. Бидејќи вие не си го одржавте зборот, оваа генерација политичари во ВМРО-ДПМНЕ нема намера повеќе да влегува во таков тип на авантура. За нас гаранција е кога ќе се заврши процесот на преговори, бидејќи тогаш во заклучоците не стои дека треба да се ефективни сега или да се заврши процедурата, но имаме ние можност, правна можност, лажат тие кои викаат дека нема таква можност, има многу држави меѓу Франција, Унгарија итн., каде што имало одложено дејство на уставни измени – вели Мицкоски.

    Нагласува дека вакви какви што се уставните измени нема да ги прифати, дека како човек е космополит, но оти во моментов нема причина за внесување на Бугарите во Уставот.

    – Како човек сум космополит и немам против никој граѓанин во Македонија. Но, која е причината сега да ги внесеме Бугарите во Уставот. Еве кажете ми. Што е причината? Нарушени им се човековите права на тие неколку стотина граѓани на Македонија кои за себе викаат дека се Бугари. Кој е одговорен за да оцени дали нечии права се нарушени. Во Судот за човекови права во Стразбур има 14 пресуди за нарушени човекови права на македонската заедница во Бугарија и нула за бугарската заедница во Македонија. Значи не станува збор за некакви човекови права. Тогаш што е проблемот, зошто ние би ги ставиле, кога нашиот Устав е многу јасен, не вели дека Македонија е држава во која што правата ги уживаат македонскиот, албанскиот, турскиот, српскиот, бошњачкиот и ромскиот народ точка, туку вели покрај тие и останатите. Во тие останатите, се сите останати кои се граѓани на Македонија. Јас не гледам зошто ние би требало сега ова да го направиме – нагласува Мицкоски.

    Во изборната програма најавува и укинување на балансерот, нагласувајќи дека тоа го препорачува и ЕК, како резултат на скрининг процесот.

    – ЕК препорачува да се избрише балансерот, бидејќи тој е за правична застапеност на помалите етнички заедници, кога бил донесен, ја исполнил својата цел, и сега веќе предизвикува повеќе пречки, отколку што има валидност, додадена вредност…Сакаме да одиме напред, сакаме. Тогаш понекогаш во животот треба да правиме и храбри одлуки. Ова е храбра одлука. Ако сакаме државата да се темели на квалитет, а не на етнократија и партократија тогаш ајде да ја водиме во таа насока – истакнува Мицкоски.

    Во изборната програма се осврнува и на слободата на медиумите, а на прашањето дали доколку формира влада, земјава и понатаму ќе забележува скок на скалата на „Репортери без граници“, вели дека се надева, но оти не е само тоа рангирање меродавно за оценката на слободата на медиумите.

    – Се надевам, но не сметам дека само тоа е меродавно тело. Куќата на слободата, Фридом хаус, пак вели друго, кога станува збор за медиумите, притисоците врз медиумите, новинарите итн. Тие пак друго кажаа. Видете, овие шест и пол години многу медиуми згаснаа. Јас како човек ниту некогаш некаде, ниту пак имам намера да цензурирам, да вршам притисоци нешто да се објавува или да не се објавува. Шест години така функционирам, а за мене се напишани многу лаги. Откако веќе се премина границата, морав да тужам некои од медиумите. Не барам нормално финансиски надомест, но едно извинување должат и некои од нив веќе се извинија за изнесените лаги и клевети и невистини. Јас сум свесен дека ние политичарите мораме да имаме што се вели, помек стомак, да бидеме потолерантни. Јас сум бил максимално толерантен. Но има некои медиуми коишто без никаква причина вмешуваат семејства, напади – нагласува Мицкоски.

    На прашањето дали ќе се залага за решавање на статусот на МИА, како јавен сервис со носење посебен закон, со кој ќе се регулира дејноста на Агенцијата, Мицкоски нагласува дека има информации за тие активности.

    – Имаше дебата кога ја правевме програмата и за МИА…Иднината на МИА ќе зависи од МИА. И не треба да зависи, ниту од идната влада, ниту персонално од други итн. Иднината на МИА треба да зависи од МИА, вели Мицкоски и нагласува дека целта е Агенцијата да биде објективна, цитирана, кредибилна.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img