Предупредувањето од двајца високи претставници на одбраната до Швеѓаните да се подготват за војна, предизвика загриженост и паника меѓу луѓето, пишува Би-Би-Си.
Шведскиот министер за одбрана Карл-Оскар Болин, на прес конференцијата во неделата изјави дека „може да има војна во Шведска“.
Неговата порака потоа беше поддржана од врховниот воен командант, генерал Микаел Биден, кој рече дека сите Швеѓани треба психички да се подготват за таа можност.
Сепак, опозициските политичари се спротивставија. Поранешната премиерка Магдалена Андерсон изјави за шведската телевизија дека иако безбедносната ситуација е сериозна, „не е како војната да е зад аголот“.
И покрај острите пораки, забелешките на министерот за одбрана и на воениот командант се сметаат за повик за будење. По повеќе од два века мир и неутралност, Шведска е на неколку чекори од влез во НАТО. Се чека зелено светло од турскиот парламент, а потоа и од Унгарија. Врховниот воен командант рече дека неговите изјави не се ништо ново.
Пред еден месец Микаел Биден го посети источниот фронт на Украина, а Шведска е една од земјите што обучуваат украински пилоти.
– Мојата намера не е да ги загрижувам луѓето. Мојата намера е да натерам што повеќе луѓе да размислуваат за сопствената ситуација и за сопствените одговорности – изјави генерал Биден за весникот „Афтонбладет“.
Финска веќе влезе во НАТО, а руските власти се закануваат дека таа ќе биде „прва на удар“ ако ескалираат тензиите со НАТО.
Шведскиот министер за одбрана Карл-Оскар Болин исто така рече дека неговата цел не е да шири паника меѓу луѓето, туку да ги освести што всушност се случува. Тој ги повика локалните власти, организациите за идни ситуации и поединци да реагираат.
-Ако има нешто што ме држи буден ноќе, тоа е чувството дека работите се движат премногу бавно – рече Болин на конференцијата за општество и одбрана во неделата.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја повика Шведска за време на конференцијата да работи со неговата земја и со другите за производство на оружје.
Премиерот на Шведска, Улф Кристерсон додаде дека во 2024 година, Шведска ќе ја исполни целта на НАТО да потроши 2% од БДП за воена одбрана, двојно зголемувајќи ги трошоците во однос на 2020 година.
Шведскиот експертот за одбрана, Оскар Јонсон, рече дека тонот на предупредувањето на шефот на одбраната е „како бура“ и дека 90% од она што е кажано произлегува од фрустрацијата што се прави премалку за да се изгради цивилна и воена одбрана.
– Времето е ограничено и целта беше да се разбудат агенциите и поединците. Шведските вооружени сили се високо компетентни, но не доволно големи за војна. Последниот закон за одбрана вели дека треба да имаме три и пол бригади, додека Украина имаше 25 кога почна војната – вели Јонсон.
Предупредувањето на генералот Биден дојде по изјавата на шефот на полското Биро за национална безбедност (ББН), Јацек Сивиер, кој рече дека земјите од источното крило на НАТО треба да направат тригодишен план за избегнување војна со Русија. Тој рече дека извештајот на Германскиот совет за надворешни односи, кој сугерира дека Германија и НАТО треба да ги подготват своите вооружени сили за да можат да издржат руски напад во следните шест години, е „премногу оптимистички“.
Оскар Јонсон, во анализата истакнува дека иако војната е можна, неколку фактори мора да се поклопат за таа навистина да се случи – војната на Русија во Украина треба да се ближи кон крајот за да и се даде време на руската војска да се обнови и да се вооружи, а Европа треба да ја изгуби американската воена поддршка.
– Сето тоа е можно – додава шведскиот воен аналитичар.