Во основното образование се враќаат предметите историја, географија, биологија, физика и хемија кои беа укинати согласно со Концепцијата за основно образование на поранешната министерка Мила Царовска од владата на СДСМ и ДУИ.
Министерството за образование соопшти дека петте предмети постепено ќе се враќат во наставата во седмо, осмо и во деветто одделение, процесот ќе трае 3 години, а ќе почне од следната 2025/26 учебна година.
„Направени се измените на Концепцијата за основно образование, на чија потреба во изминатиот период упатуваше стручната и пошироката јавност, а особено наставниците од основните училишта. Согласно доставените сугестии во периодот кога Концепцијата беше ставена на јавна дискусија, Бирото за развој на образованието интервенираше и ја подготви новата унапредена содржина. Измените овозможуваат повторно враќање на научните дисциплини историја, географија, биологија, физика и хемија како посебни предмети во третиот воспитно-образовен период од основното образование (седмо, осмо и деветто одделение). Претходно Концепцијата предвидуваше нивна интеграција со нејасно дефинирани насоки за реализација на часовите, но и кратење на многу содржини кои се од исклучителна важност за учениците“, соопшти Министерството за образование.
Како резултат на измените, се додава во соопштението од МОН, во следниот период ќе се изработи нов Наставен план за основното образование и нови наставни програми по соодветните предмети во седмо, осмо и деветто одделение.
„Тие етапно ќе се воведуваат, почнувајќи од учебната 2025/2026 година, како и во двете учебни години потоа. МОН изразува благодарност до сите општествени чинители кои со свои сугестии придонесоа за унапредување на Концепцијата за основно образование, како и до Бирото за развој на образованието кое е носител на целиот процес“, соопшти Министерството за образование.