Во ирачкиот парламент е предложен закон за намалување на возраста за дозволен брак на девојчињата од 15 на 9 години, пишува Гардијан.
Шиитската партија, која има мнозинство во ирачкиот парламент, предложи намалување на минималната возраст за брак за девојчињата на 9, а за момчињата на 15 години, наведувајќи ја потребата од почитување на шеријатскиот закон, кој го сметаат за задолжителен за сите муслимани.
– Ова е катастрофа за жените. Мојот сопруг и моето семејство се против детските бракови. Но, замислете ќерка ми се омажи, а сопругот на ќерка ми сака да се ожени со мојата внука како дете. Новиот закон ќе му го овозможи тоа. Не би смеела да приговарам. Овој закон го легализира силувањето на деца – рече координаторката на коалицијата на групи кои се противат на промената на законот, Раја Фаик.
За време на протестите, организирани од коалицијата оваа недела во главниот град Багдад и во неколку други градови во Ирак, поддржувачите на новиот закон се соочија со противниците и ги обвинија за „морална декаденција“ и „следење на западните агенди“.
Пратеникот кој ги предложи измените на законот порача дека „оние кои се противат на законот се странски агенти и непријатели на Ирак“.