Откако спроведе претходна постапка, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје до Основниот кривичен суд Скопје денеска поднесе Обвинителен предлог против три лица – татко и неговите два сина, кои се товарат дека заедно сториле кривично дело – Предизвикување општа опасност од член 288 став 1 од Кривичниот законик. За сите тројца е доставен и предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор.
Тројцата соизвршители, на 9 август предизвикале пожар на шумско земјиште во државна сопственост, во месноста викана Дупки, во атарот на селото Патишка Река, општина Сопиште. Со запалива течност – моторно масло и бензин полеале и запалиле нискостеблеста шума и суви треви, предизвикувајќи општа опасност за животот и телото на луѓето и за имот од големи размери.
Осомничените ги забележал и ги пријавил очевидец. Тие користеле запалка да го потпалат огнот. Кај нив биле најдени повеќе литри запалива течност. Пожарот зафатил и дел од ловиштето парк Јасен, а го гаснеле пожарникарски екипи.
Таткото и двајцата сина издржуваат мерка осумдневен притвор која им ја одреди судот бидејќи предметот се води по скратена постапка.
фото: pixabay.com