Стравот на родителите за движењето на нивните деца низ Дебар Маало не е новина. По исчезнувањето на 14-годишната Вања Ѓорчевска, се повтори проблемот од пред два месеци откако родители се пожалија дека се загрижени за безбедноста на нивните деца
На 15 септември годинава тие реагираа дека добро организирана банда на малолетници напаѓа, малтретира и ограбува деца низ Дебар Маало, па бараа повеќе полициски патроли и присуство на местата каде што најчесто се собираат и се дружат младите во Центар.
Според тогашните информации групата делувала така што таргетирала некој што во моментот е сам или помало друштво, го заплашувале и го напаѓале оној што нема да успееле да им побегне. Лицата доаѓале организирано со повозрасни кои ги оставале да хараат низ Дебар Маало, кај Градежен, во Градски парк и кафулињата и сендвичарите каде најчесто се собираат помлади. Често во себе носат и ладно оружје, велеа тогаш родителите.
Тогаш се огласи мајка на едно од децата кои било нападнато во близина на Дрвен град.
– После точно една недела од нападот на моето дете, вчера истата група беше забележана на Дрвен околу 22:00 часот и веднаш реагиравме, пријавивме во полиција, го викнавме син ми да ги идентификува, но за жал беше предоцна, односно групата се разбега – раскажа тогаш таа.
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, најави засилени полициски контроли во оваа скопска општина. Веќе следниот ден МВР излезе со информација дека по последните немили настани ќе се засилат полициските присуства во Општина Центар.
На 24 септември пак Герасимовски даде изјава дека поголем број полицајци патролираат во општина Центар, односно во Дебар маало, а од МВР добил уверување дека зголемен број патроли ќе има до декември.
Градоначалникот на Центар ги повика родителите да потпишат петиција со која Министерство за внатрешни работи, Министерство за образование и Министерство за труд и социјална политика и МОН, да изнајдат мерки и механизми за намалување на меѓуврсничкото насилство и девијантното однесување, која беше потпишана.
27 ноември исчезнува девојче. Излегува за училиште, но во училиште не се појавува. Нејзиниот мобилен е исклучен набрзо по напуштање на домот. Се движела низ Дебар Маало … МВР ја објави на листата на исчезнати лица. И по три дена потрага Вања сè уште ја нема.