More

    Пред 150 години се роди великанот Крсте Петков Мисирков

    spot_img

    На 18 ноевмри во 1874 година, во селото Постол, Егејска Македонија, е роден Крсте Петков Мисирков, истакнат македонски филолог, лингвист, историчар, фолклорист, етнограф, публицист, политичар, револуционер и борец за македонската национална афирмација.

    По повод 150 години од раѓањето на Крсте Петков Мисирков, денеска ќе се одржи Тркалезна маса насловена како „Академскиот профил на Крсте Мисирков“ во организација на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ во Скопје.

    Како што најавија од Институтот, на научната дискусија ќе се обратат професорите Билјана Ристовска-Јосифовска, Лилјана Гушевска, Елена Јованова-Грујовска, Митко Панов, Катерина Кузмановска-Петровска, Лидија Тантуровска Јасминка Ристовска Пиличкова, Зоранчо Малинов, Славчо Ковилоски и Андријана Павлова.

    „За македонцките работи“ е израз на неговата борба за самобитноста на Македонците

    Крсте Петков Мисирков е една од најзначајните личности во историјата на Македонија, сестран интелектуалец кој бил истакнат филолог, лингвист, историчар, фолклорист, етнограф, публицист, политичар, револуционер и борец за македонската национална афирмација.

    Во 1903 година ја издал книгата „За македонцките работи“, која претставува одраз и израз на неговата борба за самобитноста на македонскиот народ. Во 1905 година, во Одеса го издавал весникот „Вардар“ на македонски јазик. Умрел во Софија, во Бугарија, на 26 јули 1926 година. Мисирков е кодификатор на македонскиот литературен јазик и правопис, како и идеолог за единство на македонскиот народ. Покрај авторската дејност тој се занимавал и со превод на литературни дела и со собирање народни творби.

    Тој е и автор на првото списание на современ македонски јазик, основоположник и активен учесник во македонските научно-литературни и национално-политички друштва во Белград, Санкт Петерсбург, Одеса и Софија, раководител на (Тајниот македонско-одрински кружок) ТМОК и личност на македонскиот 20 век.

    Крсте Петков Мисирков војувал против пропагандите во Македонија

    Селото Постол – Ениџевардарско, каде што е роден Крсте Петков Мисирков, се наоѓа во Егејска Македонија, недалеку од древната македонска престолнина Пела. Шест одделенија основно училиште завршил на родното место, слушајќи настава на грчки јазик и на таков начин го совладал туѓиот, наметнат јазик. Лошата материјална сoстојба на неговото семејство не му дозволила да го продолжи веднаш неговото образование.

    По неколкугодишна пауза, Мисирков се здобил со стипендија од српското друштво „Свети Сава“. Тоа биле првите закани за навлегување и на српската пропаганда во Македонија преку инсталирање разни стипендии за едуцирање на т.н. свој кадар како што веќе правеле грчката и бугарската пропаганда во Македонија.

    Користејќи ја извесно време оваа стипендија, Крсте Петков Мисирков сфатил многу добро дека српската буржоазија ја започнала својата грда игра. Чувствувајќи ја денационализаторската политика, изразена преку дејноста на друштвото „Свети Сава“, Крсте Мисирков учествувал во немирите што ги пројавиле македонските стипендисти. Потоа, со неколкумина свои едномисленици, избегал од Белград во Софија. Тоа што го дочекало во Бугарија речиси по ништо не се разликувало од почувствуваниот режим во Србија.

    За да го продолжат понормално своето образование во Софија, македонските студенти морале да се пишат како Бугари за да не бидат малтретирани. Мисирков не го прифатил тоа. Тој повторно пребегнал во Србија, за да запише трет клас, но сепак тоа не му успеало. Во Белград, сакал или несакал, се запишал со прва година како семинарист на богословско-учителската школа која имала своја посебна цел и тоа: македонските ученици да ги подготвува за српски свештеници и учители кои подоцна би се вклучиле на македонски терен за да го пропагираат српството.

    Овојпат македонските ученици го искажале своето незадоволство: тие кренале бунт, по кој училиштето било затворено, а македонските ученици биле испратени во внатрешноста на Србија. Така Мисирков се нашол во Шабац каде што завршил четврти клас гимназија. Крсте Петков Мисирков, иако ја завршил гимназијата, сепак решил повторно да се запише во друго средно училиште: Белградската учителска школа, којашто целосно ја завршил во 1895 година.

    Почетоците на ученичката дружина „Вардар“

    Во ова училиште Мисирков основал ученичка дружина и ја нарекол „Вардар“, со своја програма која членовите на дружината требало ја запознаат и да ја пропагираат во Македонија тајно. Членовите на дружината во извесна смисла ја продолжиле идејата на т.н. „Лозари“. Тоа за Мисирков претставувало почеток на организирана национално-политичка активност која ќе продолжи околу 30 години.

    По завршувањето на учителската школа Мисирков се здобил со служба во Приштина. Но, наместо да се појави на своето работно место, Мисирков тајно се префрлил во Одеса. Таму не му го прифатиле и не му го признале образованието. Така, Мисирков бил принуден да се запише на духовна семинарија во Полтава и дури по две години да започне со студирањето, отпрвин на медицинскиот факултет во Петродонски Словен.

    Вклучувајќи се во петроградската студентска средина, Мисирков станал многу активен. Меѓу другото, напишал и еден реферат под наслов „За значењето на моравското или ресавското наречје за современата и историската етнографија на Балканскиот Полуостров“, што го прочитал пред членовите на Имераторското руско географско друштво, а го објавил и во списанието „Живија старина“.

    Основање на Тајниот македонско-одрински кружок

    Во екот на најголемата борба за превласт на пропагандите во Македонија, Мисирков се вратил во својата Македонија, во родното село Постол. Тогаш и се запознал потемелно со македонското револуционерно движење. Во исто време собрал богат фолклорен и етнографско-топографски материјал што подоцна го објавил во своето списание „Вардар“. При следното доаѓање во Петроград, Мисирков станал член на Бугарското студентско друштво и со неколкумина истомисленици го основал Тајниот македонско-одрински кружок.

    Меѓутоа, Русија се наоѓала во еден предреволуционерен период и руската влада го затворила Петроградскиот универзитет. Поради тоа на Мисирков не му останало ништо друго, а и здравствено се почувствувал лошо, па заминал во Одеса. Од тоа време датира студијата за прашањето за народноста, а и причината за популарноста на македонскиот крал Марко, што била неговата дипломска работа. Во 1902 година, Мисирков го завршил факултетот во Петроград. Во истата таа година, било основано и Македонското студентско другарство во руската престолнина. Во организирањето на ова друштво значаен придонес дал и самиот Мисирков.

    Македонскотот друштво „Свети Климент“ го барало правото на самостојност на македонскиот народ

    Само една година подоцна ова научно-литературно другарство било преименувано и оттогаш дејствувало како Македонско научно-литературно друштво „Свети Климент“ .

    Членовите на ова другарство испраќале од своите редовни седници барања пред сѐ до руската влада, па и до владите на другите европски држави, да се признае правото на македонскиот народ на самостојност, да му се признае правото на литературен јазик, правото за обновување на Охридската архиепископија.

    „Неколку зборои за македонцкиот литературен јазик“

    Најзначајно дело напишано од раката на Крсте Петков Мисирков е книгата „За македонцките работи“, објавена во Софија во 1903 година. Во таа книга Мисирков ја обработува положбата на македонскиот народ, актуелната тогашна политичка и етнографска состојба на Македонија и пошироко.

    Најзначајниот дел е последната глава од книгата наречен „Неколку зборои за македонцкиот литературен јазик“, во кој јасно Мисрков дава предлог за оформување литературен стандарден македонски јазик базиран врз централните говори. Од поголемо значење е и тоа што Мисирков користи азбука што е база за денешната македонска кирилична азбука.

    Книгата „За македонцките работи“ била испечатена во 1903 година во Софија, тогашно Кнежество Бугарија, и била печатена во т.н. „Либерален клуб“. Самата книга има над 120 страници и е поделена на пет дела и на предговор. Четири од петте поглавја се всушност и говори кои Мисирков ги читал на состаноците на македонскиот литературен кружок во Русија.

    Сите делови од поглавјата на книгата, со исклучок на предговорот и последните две глави, биле прочитани пред македонското друштво „Свети Климент“ во Русија. Така, втората глава од книгата била прочитана на 21 септември на 1-та седница на петроградското Македонско научно-литературно другарство „Св. Климент“, третата глава била прочитана на втората седница и четвртата глава била прочитана на третата седница на друштвото.

    Остварување на идејата за одделен македонски јазик е објавувањето на книгата „За македонцките работи“ (во Софија, 1903) од Крсте Петков Мисирков.

    Книгата на Мисирков е политичка анализа на положбата на македонскиот народ и предлог-програма за македонското народноослободително движење. Истовремено, таа ја разоткрива асимилаторската политика на соседните земји насочена против македонскиот народ и против македонскиот јазичен, културен и етнички идентитет.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img