Православните христијани во земјава денеска го слават Рождеството Христово – Божик. Во сите храмови на Македонската православна црква-Охридска архиепископија изутринава се одржуваат божикни литургии. Централното одбележување е во Соборниот храм „Свети Климент Охридски” во Скопје, каде архиепископот охридски и македонски г. г. Стефан ќе богослужи литургија на Св. Василиј Велики.
Вселенскиот патријарх Вартоломеј кон крајот на декември првпат во историјата божиќното посланието го објави и на македонски јазик, откако на 9 мај лани Светиот синод на Вселенската Патријаршија, возглавен од патријархот Вартоломеј одлучи да ја отстрани повеќедецениската шизма наложена врз нашата древна Охридска Архиепископија, возобновена во лицето на МПЦ, признавајќи ја црковната јерархија предводена од архиепископот Стефан за канонска и валидна во сеправославниот свет и воспоставувајќи канонско и литургиско општење со неа.
Патријаршијата, при тоа, остави Српската православна црква да ги уреди управните прашања што ги има помеѓу неа и МПЦ-ОА во рамките на светоканонскиот чин и црковното предание. Со ваквата одлука МПЦ-ОА се врати во канонско единство со другите православни помесни цркви и беше призната како канонска црква, со што по 55 години му се даде можност на македонското свештенство да има заеднички богослужби со другите православни цркви. Една недела по ваквата одлука на вселенскиот патријарх, Синодот на СПЦ соопшти дека го прифаќа статусот на најширока можна автономија на МПЦ, односно целосна внатрешна независност, која и беше доделена уште во 1959 година.
Во јуни минатата година во Соборниот храм на Вселенската Патријаршија „Св. Георгиј Победоносец” во Истанбул вселенскиот патријарх Вартоломеј и архиепископот охридски и македонски Стефан ја одржаа прва заедничка Патријаршиска и синодална света литургија по приемот на МПЦ-ОА во богослужбено и канонско единство единство со останатите православни цркви.
По повод Божик, архиепископот охридски и македонски г. г. Стефан заедно со Светиот архијерејски синод на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, до свештенослужителите, монаштвото и до сите верници, упатија Божикно послание во кое им пожелуваат мир и благослов од Бога, поздравувајќи ги со величествениот торжествен поздрав – Христос се роди! во кое се вели:
Возљубени чеда во Господа,
Божик, празникот на Христовото рождество, е ден на небоземна радост: Дева Го раѓа Христа – Сонцето на правдата; во витлеемската пештера се сместува Несместливиот; мудреците Го даруваат со скапоцени дарови Оној што ни го дари најскапоцениот дар – нашето спасение; ѕвездата Го озарува Оној што ги создаде сите небески светила, а пастирите се поклонуваат пред Оној што нè изведе од ропството на смртта и нè возведе на новото небо и новата земја, отворајќи ни го Своето Царство. Затоа, на овој ден, ликуваат сите и Го славословат Богомладенецот, „Кој заради нас луѓето и заради нашето спасение слезе од небесата и се воплоти од Светиот Дух и Марија Дева, и стана човек”.
Спасоносниот настан од таа неповторлива витлеемска ноќ е исполнување на времетo коешто се навестуваше од искони, на времето во кое историјата стана сегашност, а очекувањата – стварност. Ова ново време го оживотвори вековниот копнеж на старозаветните праведници и пророци; ова време го засени Законот, а ја возвиши благодатта; го запечати Стариот Завет, но го обзнани Новиот – Заветот на обновената љубов меѓу Бога и човечкиот род.
Со Христовото рождество сè е исполнето со радост и веселие: и ангелите и луѓето, и небото и земјата, зашто Бог стана човек, зеде обличје на слуга и се изедначи со луѓето4, за да ги воздигне кон Себе и за да ги направи учесници во Неговата слава.
Затоа, Божик е празник на радоста, празник на утехата и празник на благодарноста: Синот Божји стана Син човечки, за да го издигне човекот, кој беше потонат во своето себељубие, дарувајќи му ги бескрајните височини на Својата љубов во Царството небесно.
Возљубени чеда во Христа Спасителот,
Богослужбените песнопенија од овој велелепен празник, таинствено нè водат до малото и тогаш непознато гратче Витлеем, покрај тамошната пештера – местото на Христовото рождество; па така – восхитувајќи се на чудото и славејќи Го смирениот Богомладенец – ја чувствуваме Божјата неизмерна љубов кон човештвото и кон сето создание. Затоа, Христовото рождество претставува најголема потврда на Божјата љубов, тоа е начело на еден нов и обновен живот во Христа новородениот и почеток на нашето спасение.
На овој торжествен празник, силно одекнуваат ангелските восклици: Слава на Бога во висините, а на земјата мир и меѓу луѓето добра волја!5. Овој ангелски воспев постојано нè поттикнува на славословие кон Бога и на градење мир со сите околу нас. Но, низ сиве овие векови, од Христовото доаѓање, па сè до денешни дни, овие ангелски извици како да се запечатени со заборавот, како да се одвеани од виорот на времето и како да не ги допираат нашите срца, па постојано слушаме за немири, за меѓучовечки конфликти, за судири и за војни, чиј извор се алчноста и злите желби на човекот да го одземе и да го завладее туѓото. Но, да не заборавиме дека единствената војна што треба да ја водиме е војната против гревот и против страстите. Само на тој начин ќе можеме да стекнеме вистински мир, мир што го надвишува секој ум6, мир што извира од Миротворецот. На тој и таков мир, на Христовиот мир, треба да се потпира и сиот човеков духовен живот и односот на човекот кон Бога. Имајќи само таков мир, ќе можеме да бидеме во мир и со Бога и со ближните! И само кај луѓе со таков мир има добра волја, па ним не им е тешко да ги исполнуваат евангелските пораки и да прават добри дела.
Возљубени празникољупци,
Во светлината на боговоплотувањето се открива и тајната на Црквата: Синот Божји се воплоти за Своето Тело да го преобрази во Црква и во неа да го привлече оддалечениот човек, кој живее во отуѓеност од Бога. А Црквата, пак – Телото Христово, на своите многувековни плеќи, го носи и го посведочува севкупниот Христов домострој за спасение на човекот и на светот: од Неговото рождество, па сè до Неговото вознесение. Затоа, Црквата е самиот Христос, Кој низ вековите непрекинато се раѓа, се распнува, умира и воскреснува.
Според тоа, едната, света, соборна и апостолска Црква непрестајно ја живее полнотата на боговоплотувањето, односно ја живее тајната на единството меѓу Бога и човекот, потврдено во личноста на единородниот Син Божји, Господ Исус Христос. Впрочем, и витлеемската пештера, во којашто Тој се роди, стана првиот Дом Божји, првата Црква во која оттогаш пребиваме како избран род, царско свештенство и свет народ, возвестувајќи ги совршенствата на Оној што нè повика од темнина во Својата чудесна светлина7.
Возљубени чеда на Мајката Македонска Црква,
Црквата Христова, како вистински жетвар, ги собира и ги чува во своите вековни амбари непроценливите богатства на секој народ, на секоја историја и на секоја култура. Така, и нашата Македонска Православна Црква – Охридска Архиепископија, ги чувала, ги чува и ќе ги чува довека сите радости и сите страданија, ги памети и ќе ги памети сите стремежи и копнежи на нашиот напатен македонски народ. Впрочем, до неодамна нашата Црква беше ставана во костец со разни искушенија и неосновани негирања. Но Бог не дозволи оваа Павлова и Светиклиментова Црква да биде бескрајно понижувана и оспорувана, туку ги виде подвизите и воздишките на нејзиниот верен народ и ги услиша молитвите на нејзините црквољубиви поколенија.
По неизвесните 55 години, гледајќи го оправданото застапување за своја возобновена автокефалност, изминатово лето Господово, семилостивиот Бог погледна на нашата страдална и долготрпелива Црква, и ја исправи две ипол вековната неправда кон неа, па одново ја внедри во полнотата на Сеправославното семејство – во канонско и евхаристиско единство со сите сестрински Православни Цркви. Затоа, да Му благодариме на Бога за овој дар и за можноста литургиски да општиме со нашите браќа од сета Православна екумена, што дава можност да се доврши и признавањето на нејзиниот автокефален статус.
Нашата Света Македонска Црква катагодишно одбележува значајни собитија и личности, изнедрени од нејзината богата историја. Така, и во годината што е пред нас, литургиски ќе наѕреме и особено ќе се навратиме кон почетоците на нашата свештена црковна историја, прославувајќи 1160 години од почетокот на Моравската мисија на светите браќа Кирил и Методиј, кога и нам ни се овозможи да Го славиме и да Го исповедаме Бога на разбирлив јазик, како и 1130 години од хиротонијата на свети Климент Охридски за Епископ Велички.
Одбележувањата на овие битни настани од нашата црковна и национална историја уште еднаш ја потврдуваат пред светот вистината за нашата Црква, за нашиот богослужбен и говорен старомакедонски јазик и за древноста и посебноста на нашата култура и писменост.
Возљубени чеда на Христа Богомладенецот,
Како верен народ потребно е постојано да напредуваме во верата, надежта и љубовта кон Христа Богомладенецот, покажувајќи поголема љубов кон нашите ближни и кон сите луѓе и народи околу нас, зашто само така ќе се потврдиме како Негови вистински ученици8. Со доволни грижа и посветеност да ги сакаме и да ги почитуваме: Татковината, историјата, културата, јазикот и сета свештена и национална оставнина од нашите предци. А, во овие времиња-невремиња, во коишто владеат бројни искушенија и предизвици, да се покажеме доследни следбеници на Христа новородениот – како мирољупци и миротворци, како богољупци и човекољупци.
Со пораки за љубов и благосостојба, им го честитаме празникот на Христовото рождество на сите чеда на Мајката Македонска Црква ‒ овде, во Татковината, како и на иселените Македонци по светот. Се молиме Богомладенецот Христос да се всели во јаслите на нашите срца, правејќи Свој дом, во кој постојано ќе царуваат мирот, радоста и љубовта. Амин!
Х Р И С Т О С С Е Р О Д И!
Честито и од Бога благословено новото лето Господово!