Mинистерот за здравство, Арбен Таравари потпиша разрешување на осум економски директори на клиники во Скопје, кои беа вршители на должност.
Меѓу нив е директорката на Токсикологија, Бесија Иљази, која предизвика контроверзи со својата работа.
Разрешени се економските директори на Клиниката за неврологија, Ендокринологија, Максилофацијална, Дерматологија, Ревматологија, Физикална медицина, Токсикологија, Стоматолошката и Психијатриската клиника.
Министерот Таравари вчера рече дека за месец-два нема да има економски директори.
– За тие што се со малку поголем мандат, ќе ни требаат измени на законот. Не сакам да нѐ тужат тие што имаат мандат до август-септември, па да одиме по судови – рече Таравари при преземањето на функцијата.
Економските директори во клиниките беа воведени во 2006 година. На Клиничкиот центар и во другите болници, вкупно имаше околу 30 економски директори, за што од буџетот само за плати годишно се трошеа нешто повеќе од половина милион евра.