Легендарната пејачка и актерка Шер ги поттикна гласините за љубовна врска држејќи се за рака со музичкиот продуцент и поранешното момче на Амбер Роуз, Александар Едвардс во средата додека била на вечера во Западен Холивуд, Калифорнија.
Шер има 76 години, но гази храбро, на високи потпетици, држејќи го за рака новото, дури 40 години помладо момче. По романтичната вечера во популарен ресторан во Западен Холивуд, американските медиуми пишуваат за фаталната привлечност меѓу пејачката и музичкиот продуцент Александар Едвардс.
Иако не е толку светски познат, Александар Едвардс е сива еминенција на познатата издавачка куќа „Деф Џем рекордс“ каде работи како уметнички директор. Малку се знаеше за него додека не почна да излегува со популарната манекенка и старлета Амбер Роуз, а нивната љубовна врска беше турбулентна од самиот почеток.
Едвардс освен што е мултимедијална личност со силно влијание на социјалните мрежи, на јавноста ѝ е познат и по бурниот љубовен живот. Пред три години тој и Амбер добија син, а недолго потоа манекенката јавно го обвини дека ја изневерувал со 12 различни жени за време на хаотичната врска, што подоцна и самиот го призна.
Од друга страна, славната Шер е двапати разведена и има син Чаз Боно (53) со нејзиниот покоен поранешен сопруг Сони Боно кој почина во 1998 година.
Таа подоцна беше во брак од 1975 до 1978 година со пејачот Грег Алман, кој почина во 2017 година на 69-годишна возраст. Шер и Грег го добија заедно синот Ели Блу Алман (46).
Шер еднаш во шоуто на Дејвид Летерман призна дека била во љубовни врски со Ворен Бити, Том Круз, кого го нарекува нејзиниот најдобар љубовник, но и со Џин Симонс. Тогаш потврди дека била во романтична врска со Ерик Клептон, но дека сето тоа завршило по една страсна ноќ во 1995 година, а дека била премногу нервозна за да спие со Елвис Присли кога ѝ се укажала можност за тоа и дека никогаш нема да си прости себеси.
ФОТО: Инстаграм