Од Обвинителството беше побарана мерка притвор за функционерот на ДУИ, Исмет Гури. Предлогот е доставен до Кривичен суд од страна на обвинителката Ивана Трајчева, која ја водеше истрагата за даночната измама против 15 лица. За синот на Гури, кој е исто така опфатен во истрагата, се бараат мерки на претпазливост.
Функционерот на ДУИ, Исмет Гури, се сомничи дека е дел од организирана шема за правење даночна измама, објави Обвинителството. Тој е третоосомничен за сторено злосторничко здружување, перење пари, даночна изјава, од вкупно 15 лица за кои биле под истрага. Ќе одговараат за злосторничко здружување, како и перење пари. Според Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, Гури и другите обвинети, меѓу кои е неговиот син парите ги добиваме преку генерирање на фиктивни побарувања кон Управата за јавни приходи, каде бил вработен функционерот на ДУИ. Во тоа време, Гури е раководно лице во УЈП. Освен основачи на фирми, има и вработени во УЈП и Министерството за финансии. Целата шема била фиктивно да враќаат ДДВ. Штетата која ја направиле на УЈП е 840.000 евра.
„Во угостителски објект во Скопје, тројца од осомничените, запознавајќи се преку заеднички пријател, формирале злосторничко здружување заради вршење на кривичното дело даночна измама. Притоа ги поделиле своите улоги, па така, првоосомничениот го користел својот должничко доверителски однос со едно правно лице, а второосомничениот бил задолжен да наоѓа фиктивни правни лица и да формира нови правни лица преку кои ќе генерираат фиктивни побарувања кон Управата за јавни приходи. За таа цел на располагање имале осум правни лица со кои реално, но не и формално управувале. Како раководно лице во УЈП, третоосомничениот иако немал надлежност, од вработените во УЈП, електронски добивал известувања и постојано бил во тек со фиктивниот поврат на незаконски средства врз основа на одобрени барања за пребивање на даночен долг со повеќе платен данок и тоа исклучиво за фиктивните даночни гаранти“, велат од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Според обвинителот, 11 лица сториле кривично дело злосторничко здружување, од нив деветмина се осомничени дека сториле и кривично дело даночна измама додека Исмет Гури, освен за овие две кривични дела, заедно со останатите четворица осомничени и осомничените правни лица се товарат дека сториле кривично дело перење пари и други приноси.
„Подоцна како членови на злосторничкото здружување се приклучиле уште осуммина осомничени при што двајца од нив имале задача да учествуваат во подготовка на потребната документација за формирање и промени во правните лица и подготвување на потребната документација за даночните пријави, како и за склучување на договори за пребивање на данок со фиктивните гаранти. Шестоосомничената пак, како сметководител на дел од правните лица со кои располагале организаторите на здружувањето, била задолжена да ја подготвува фиктивната документација на правните лица до УЈП за даночната пријава ДДВ 04, а заради добивање на нелегален поврат на парични средства од данок на додадена вредност од УЈП. Двајца осомничени – вработени во УЈП, имале задолжение да ги одобруваат барањата за пребивање на даночен долг со повеќе платен данок на правните лица, а тројца осомничени – управители на дел од правните лица, имале задача како даночни гаранти на даночни должници да склучуваат договори преку кои за возврат добивале стока – гориво, движен имот – луксузни возила или недвижен имот – станови, кои подоцна ги препродавале на трети лица, со што противправно се стекнувале со парични средства во готовина, па врз основа на таквите фиктивни договори издавале невистинити фактури, со пресметан ДДВ, едни кон други, а потоа доставувале барања за пребивање на даночен долг со повеќе платен данок до Управата за јавни приходи“, додава Обвинителството.
Штетата која ја направиле на УЈП е 840.000 евра. Обвинителството тврди дека Гури со уште четири од осомничените, со цел да го покријат потеклото на парите, ги пуштиле во оптек.
„Така, откако третоосомничениот (Гури) ќе ги добиел парите од кривичното дело, дел ги пуштал во промет во име и корист за неговиот син, кој исто така е осомничен во овој предмет. Притоа во име и корист за неговиот син бил купен недвижен имот – деловен простор со површина од 102 м2 во вкупна вредност од околу 150.000 евра и на име позајмица од осомничените правни лица во повеќе наврати, за оваа цел, му биле префрлани парични средства. Нелегални пари во износ од 15.259.870,00 денари, третоосомничениот со цел да ги легализира ги дал во готово на осомничено овластено лице кое пак во повеќе наврати, како дневен промет ги внело на сметките на своето правно лице, а потоа повторно во повеќе наврати – трансакции, на име на позајмица биле префрлени од неговото осомничено правно лице на осомниченото правно лице сопственост на синот на третоосомничениот“, додаваат од Обвинителството.
Обвинителот, ценејќи дека постојат околности што го оправдуваат стравот oд опасност од бегство, дека ќе ги сокријат, фалсификуваат или уништат трагите на кривичното дело и дека со влијание врз сведоци и соучесниците ќе ја попречат истрагата, на судијата на претходна постапка При Основниот кривичен суд -Скопје ќе предложи определување на мерката притвор за тројца осомничени, додека за останатите ќе предложи други мерки за обезбедување присуство во текот на постапката.
Од Министерството за внатрешни работи исто така излезе со соопштение за денешното приведување кое било спроведено откако Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал до ОЈО за гонење организиран криминал и корупција поднесе кривична пријава против 15 физички лица и 3 правни лица, и тоа против 11 физички лица за сторени кривични дела „злосторничко здружување” по чл. 394, од кои против 9 за сторено кривично дело „даночна измама” по чл. 279-А ст. 2, додека едно лице освен за овие две дела, заедно со уште четири физички и три правни лица се сомничат дека сториле кривично дело „перење пари и други приноси од казниво дело” по чл.273 од Кривичниот законик.
„Утрово (19.07.2023) од страна на ОСОСК беа спроведени претреси на 7 локации, при што од слобода беа лишени три лица кои ќе бидат изнесени пред судија на претходна постапка. При претресите беа запленети мобилни телефони и документација, а при претресите на две локации беа пронајдени и запленети вкупно 35 куршуми од кои 8 куршуми со калибар 6,5 мм, 10 куршуми со калибар 7,65 и 17 куршуми со калибар 9 мм, при што дополнително се приведени две лица, за кои по документирање на случаите ќе следува соодветна пријава“, информираат од МВР.