Пожарот што избувна во четвртокот по 11 часот на подрачјето на Гребаштица во близина на Шибеник во Далмација, е ставен под контрола во текот на ноќта, потврдија за хрватските медиум од противпожарната бригада Шибеник-Книн.
Во текот на ноќта на терен беа околу 140 пожарникари со 51 возило. Во ноќта од четвртокот кон петокот имало обновување на пламените јазици, но пожарникарите успеале да го задржат новиот залет на огнената стихија.
Автопатот е отворен за секаков сообраќај, а струјата е вклучена.
– Ситуацијата е многу подобра утрово. Нема отворен пламен и работиме на негово гаснење. Пожарот се уште не е изгаснат, но е ставен под контрола, информираа од противпожарната единица.
До петок наутро ширењето на пожарот е запрено, нема отворен пламен, а се работи на негово локализирање, особено во областа Шпарадиќ.
Јадранската магистрала во тој дел е отворена за сите возила од четвртокот вечерта, а во домаќинствата и во другите објекти е вратена електричната енергија која беше во прекин поради пожарот и оштетените далноводи.
Според првите проценки, опожарена е површина од околу 600 хектари. Пожарот зафатил куќи во Гребаштица, изгореле неколку автомобили, а во еден момент пожарот ги загрозил и селата во областа на Примоштен.
Во четвртокот пламенот започна од Горња Гребаштица, носен од силни налети на ветерот и стигна до Шпарадиќ, местата Калина и Било и ридот Јелињак.