Пожарот кај Богданци кај местото Брдаров камен, каде гори нискостеблеста шума, прнар и сува трева, е локализиран и ставен под контрола, но на одредени места се распламтува, информираа од Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Пожарот го гаснат шеесетина пожарникари и тимови на „Национални шуми“ и комуналното претпријатие на Богданци, кои со брзата интервенција не дозволуваат пожарот да се прошири.
И градоначалникот на Богданци, Блаже Шапов потврди дека пожарот е локализиран, но екипите сѐ уште се на терен и внимаваат да не се разгори на нови места.
– Засега пожарот е локализиран и ставен под контрола, но критично е во наредните неколку часови. Доколку не се појават нови жаришта, пожарот ќе биде целосно изгаснат – изјави Шапов.
Според него, пожарот вчера почнал да се шири од пониските делови на овој терен каде се наоѓаат обработливи површини и тој се сомнева дека причина за пожарот е човечки фактор.
Опожарени се околу 500 хектари нискостеблеста деградирана шума и сува трева. Пожарот вчера помина низ ветерниците над Богданци без да предизвика штета на нив.