Пожар избувна денеска на воен полигон на украинскиот полуостров Крим, кој пред години беше анектиран од Русија, поради што повеќе од 2.000 цивили мораа да бидат евакуирани, соопшти рускиот гувернер на Крим, Сергеј Аксјонов. Тој не ја наведе причината за пожарот, но некои руски медиуми објавија дека во областа се слушнале експлозии.
„Планирана е привремена евакуација на жителите на четири населени места во непосредна близина на воениот полигон во округот Кировски. Ова погодува повеќе од 2.000 луѓе“, објасни рускиот гувернер на Крим, Сергеј Аксјонов.
Поради пожарот на некои места привремено беше пренасочен автобускиот сообраќај, напиша на Телеграм Николај Лукашенко од Министерството за транспорт на Крим. Затворен е и дел од автопатот Таврида, кој ги поврзува источното кримско пристаниште Керч и Севастопол, пренесува француската новинска агенција АФП.
Рускиот весник „Известија“ објави видео од пожарот, на кое се гледа и како црн чад се издига од местото на настанот. Во меѓувреме, два руски онлајн медиуми објавија дека во областа на пожарот се слушнале експлозии.
Пожарот избувна само неколку дена по нападот на мостот што ги поврзува руската област Краснодар и украинскиот полуостров Крим. Во нападот загинале маж и жена кои биле во автомобилот, а нивното дете било повредено. Москва веднаш го обвини Киев за нападот, а украинската одговорност подоцна ја потврди неименуван извор од украинската служба за безбедност СБУ.